Македонија
Дополнителен број лекари во сите ковид-центри на интерните клиники

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретна со директорите на интерните клиники, при што разговарале за третманот на болните, моментната состојба со капацитетите на ковид-центрите и ротациите со персонал.
Како што информираат од Министерството, на состанокот се разгледувала и состојбата за достапност на болничка терапија за ковид-пацинетите што се хоспитализирани.
„И покрај зголемената побарувачка на одреден број лекови, доставата на терапиите оди тековно и нема застој. За некои лекови што се користат во болниците потрошувачката е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но потребните колични се испорачуваат и нема недостиг од лекови“, било посочено на средбата.
Во моментот има доволно слободни места на интерните клиники, а Министерството за здравство ја следи состојбата со бројот и приемот на пациенти и доколку се јави потреба, ќе се отворат дополнителни капацитети за згрижување ковид-пациенти.
Во однос на кадарот, било посочено дека ќе бидат испратени дополнителен број лекари во сите ковид-центри на интерните клиники.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска да каже која одлука за „Комунална хигиена“ не била изгласана од нашите советници

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираше на тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска, која утрово на социјалните мрежи напиша дека одговорноста за состојбата со ѓубрето низ Скопје е кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Советот на Градот и управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Од партијата велат дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинуваат градоначалничката дека „измислува“ криза за политичка корист.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата гласаа за сите одлуки предложени од страна на Арсовска, а кои беа поврзани со ‘Комунална хигиена’. Апелираме да каже која одлука врзана со тековното работење на претпријатието не е изгласана од советниците?“ стои во реакцијата.
Од партијата додаваат дека тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден е „површна, неточна и нелогична“.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе одат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска треба да одговори зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите кои граѓаните уредно ги плаќаат“, наведуваат од партијата.
Тие побараа да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот со сметот, оценувајќи дека зад него стои „тајна коалиција која четири години ја поддржуваше Арсовска“.
„Ова го прави некој што сака да наштети на ВМРО-ДПМНЕ во изборна кампања. Ќе дојде крајот на ова и ќе има одговорност“, се вели во реакцијата.
Во објавата претходно, Арсовска обвини дека Советот не презел мерки за нормално работење на претпријатието, ниту ги разрешил управниот и надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ кое е составено од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, и надлежно за носењето на сите одлуки поврзани со работата на претпријатието.
Македонија
Мециновиќ прифати дебата на Телма телевизија

Амар Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, утрово на социјалните мрежи сподели дека прифатил покана за дебата на телевизија Телма.
„Добро утро Скопје, дебата на Телма за следниот четврток.
Со задоволство ја прифаќам поканата на телевизијата Телма за учество во дебатата за главниот град со мојот противкандидат.
Во духот на демократијата и витешката борба, сметам дека сите дебати се добродојдени“, напиша тој на социјалните мрежи.
Македонија
Независниот кандидат Милосим Војнески се повлече од вториот круг во Македонски Брод

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, објави дека се повлекува од изборната трка пред вториот круг од локалните избори. Војнески, кој во првиот круг освои 20,38 отсто од гласовите, својата одлука ја соопшти преку објава на социјалните мрежи.
„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.
Во првиот изборен круг, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески, освои најмногу гласови — 1.539, односно 44,49 отсто. Зад него беше токму независниот кандидат Милосим Војнески со 705 гласа или 20,38 проценти, додека третиот беше кандидатот на СДСМ, Ивица Стојкоски, со само три гласа помалку – 702 гласа