Македонија
Државата треба да ѝ врати над 1,7 милион евра на Европската комисија, пари што ги проневерил ексфунционер од МИОА

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против поранешниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација и уште едно лице за земање мито за местење тендери за користење средства од ИПА фондови. Тие проневериле над 1,7 милион евра, кои државата сега треба да ѝ ги врати на Европската комисија.
Во истрагата од меѓународни рамки биле вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и ЕУРОПРАВДА.
„Во периодот од месец октомври 2012 година до април 2017 година, првообвинетиот Ј.Ј. (48) како службено лице – именуван функционер и претседател на Управувачки комитет на проект, заедно и по претходен договор со второобвинетата Ј.Г. (53) – раководен државен службеник и член на Управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за едно правно лице од Р.Италија, постапиле спротивно на нивните службени обврски и ги искористиле своите службени положби и овластувања“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Обвинетите споделувале доверливи тендерски информации за условите за работење и „ТОР“ (Terms of references) за два ИПА проекти што се спроведувале во две министерства. Правното лице од Италија ги искористило неовластено споделените информации и изготвило понуда адаптирана на потребите и ги исполнило сите технички и финансиски услови. Воедно, обвинетата Ј.Г. во претходен договор со обвинетиот Ј.Ј. за едниот проект помогнала при изготвувањето на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја прилагодила согласно на условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите.
Како награда за поддршката, пишува во соопштението, обвинетите од страна на италијанското правно лице освен со туристички патувања биле наградени и со парични средства.
„Првообвинетиот со дејствијата што ги извршил за себе прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 2.609.445 денари или 42.430 евра, додека второобвинетата за услугите што ги извршила за време на спроведување на проектите противзаконито се стекнала со 3.508.698 денари, односно 57.052 евра кој износ правното лице го исплатило од паричните средства наменети за спроведување на проектот на нејзина сметка отворена во Р.Грција“, се наведува во соопштението.
Европската комисија согласно член 29.1 од Рамковната спогодба склучена меѓу Македонија и Европската комисија побарува поврат на средствата доделени за спроведување на проектите во висина од 982.307 евра за првиот проект, односно 771.620 евра за вториот проект. Износот во вкупна вредност од 1.753.927 евра треба да се врати на Европската комисија, а на штета на Буџетот на Р.С.Македонија.
Исто така, при претресот на домот на првообвинетиот во текот на 2019 година беше пронајден и пиштол марка Luger што не e евидентиран во евиденциите за оружје и што обвинетиот неовластено го поседувал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.