Македонија
ДУИ: Азир Алиу веднаш да поднесе оставка за измамите во Клиничката болница во Тетово
„Демократската унија за интеграција најостро го осудува јавниот измамнички чин на министерот за здравство, Азир Алиу, кој манипулираше со одлуките за вработувања во Клиничката болница во Тетово, излажувајќи 155 вработени и целата јавност“, велат од ДУИ.
„Вчера сведочевме на скандалозен апсурд: Азир Алиу го демантира Азир Алиу! Најпрво објави дека има вработувања, а потоа ги негираше, со што докажа дека целиот процес бил политичка лага за собирање изборни поени на грбот на граѓаните и здравствените работници.
Не може да се релативизира лагата и измамата. Мора да се отфрли оваа опасна теорија на политичка манипулација, каде што министерот отворено тврди дека работата е завршена, дури обвинувајќи ги другите за лаги, за денес да каже дека ништо не е завршено, но „по пролонгирањето ќе се заврши“. Ова не е одговорна политика, ова е потсмев кон граѓаните.
Ова требаше да биде преседан, но за жал станува секојдневие кај албанските функционери кои без легитимитет опстануваат во Владата, што покажува недостиг на одговорност, недостиг на транспарентност и потценување на граѓаните и цела Северна Македонија. Министерот Алиу ја загуби секоја кредибилност и не може да остане ниту еден ден на чело на Министерството за здравство.
ДУИ бара итна оставка од Азир Алиу! Здравството не може да се води од луѓе кои отворено лажат и си поигруваат со судбината на граѓаните и здравствените работници“, се додава во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне услови за магла, преку денот сончево со умерена локална облачност
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со постудени утра. Во текот на денот ќе преовладува сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Несреќа на магистралниот пат кај село Дабиле, Струмица: сообраќајот во прекин
Од 02:15 часот сообраќајот на магистрален пат А4 кај село Дабиле Струмица е во прекин поради случена сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.

