Македонија
ДУИ: „Вреди“ вети Европа, донесе „српски свет“

„Првин ветија дека веднаш по конституирањето на Собранието, пред формирањето на Владата, ќе бидат усвоени уставните измени за продолжување на европскиот пат. Излажаа! Потоа ветија дека во првите 100 дена на Владата ќе го сменат Уставот. Повторно излажаа!“, велат од ДУИ.
„Подоцна ветија дека во рок од три месеци ќе го исполнат тоа ветување. Пак излажаа!
Тримесечниот рок го продолжија и ветија дека во првото полугодие на Владата ќе го сменат Уставот. Излажаа како и секогаш!
За време на сите овие ветувања повторуваа дека ако не го сменат Уставот, ќе ја напуштат Владата. И тука излажаа!
Наместо Европска Унија, „Вреди“ донесе „српски свет“ заедно со Додик, Вучиќ, Русија и Кина на врвот на државата.
Секојдневни скандали, невидена неспособност, сервилност и вазалство со незамисливи размери, понижување, презир, неуспеси и една голема НУЛА – тоа се карактеристиките на „Вреди“. Но, ни тоа не е доволно за тие да го исправат ‘рбетот и да си заминат од срамот што ги зафати.
Потсетуваме за да не се заборави никогаш:
• ветија 2.500 вработувања, граѓаните завршија со нула;
• ветија 10.000 евра за секој граѓанин, граѓаните завршија со нула;
• ветија Академија на албанските науки, го донесоа Додик;
• ветија албанска банка, ја донесоа српската банка;
• ветија уставни измени и европска интеграција, донесоа „српски свет“;
• ветија национални програми, го донесоа српскиот „Мтел“;
• Охридскиот договор му го предадоа на путинистот Иван Стоилковиќ.
„Вреди“ е докажан насекаде како голема политичка измама и национален срам што скапо ги чини Албанците: од горд и на врвот на државата – до понижен, презрен и исклучен народ.
Граѓаните го очекуваат октомври! Октомври е народен референдум за достојно, чесно и резултатно претставување, а не за лаги, манипулации, скандали и корупција“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Силниот ветер ја влоши состојбата со пожарот во „Јасен“

Состојбата со пожарот во ловиштето „Јасен“ попладнево значително се влоши поради силниот ветер, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Јачината на ветрот постепено се зголемуваше и ни предизвика голема непријатност затоа што пожарот се движеше со исклучително голема брзина горејќи ги боровите стебла, создавајќи висока температура и многу густ и црн чад што удираше на гребенот. Нашата цел беше да го одбраниме гребенот и да не му дозволиме на овој пожар да прескокне преку гребенот од страната на селото Брезница, односно од скопска страна. Во тоа успеавме по неколку жестоки битки бидејќи огнот на неколку моменти префрли од другата страна, но благодарение на храброста на вработените во ‘Јасен’, лично овде е и директорот, еден од раководителите, со поддршка од екипа пожарникари од Македонски Брод, успеавме да го запреме по самиот гребен, ги изгаснавме местата на кои огнот префрли од другата страна и ја стабилизиравме ситуацијата“, рече Ангелов.
Пожарот сè уште се движи и создава густ чад што им предизвикува проблеми со дишењето на луѓето на теренот. На помош пристигнуваат пожарникари од Скопје, Велес и Куманово што ќе ги распоредат. Истовремено поддршка стигна и од вработените од Општината Сопиште кои цело време вршат дотур на вода, покрај другите активности. Тука се и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) на МВР.
Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.
Македонија
Никоски: Новата градинка во Потстаница, Драчево, значи подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата

Како напредуваат градежните работи за новата градинка во Потстаница, Драчево, на лице место излезе да провери и директорот на Управата за заштита на животната средина и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Никоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Кисела Вода,Орце Ѓорѓиевски.
„Oвој објект e со вкупна површина од 300 квадратни метри и дополнително дворно уредување од 700 квадратни метри. Тој ќе обезбеди подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата во овој дел од општината. Овој проект е доказ за нашата посветеност кон социјалниот развој и унапредување на квалитетот на животот во Кисела Вода“, рече директорот Никоски.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека новата детска градинка ќе биде целосно завршена за само 20 дена и дека во неа ќе бидат згрижени 75 деца.