Македонија
ДУИ до Јаневска: УЧК е сè за Албанците, не ништо министерке
Изјавите на министерката за образование Весна Јаневска претставуваат тешка навреда за Албанците во Северна Македонија и обид да се избрише сеќавањето и жртвите на албанскиот народ, реагира Демократската Унија за Интеграција.
„УЧК не е ‘ништо’ за Албанците – таа е симбол на жртвување за еднаквост, правда и достоинство. За Албанците, УЧК претставува борба за поправедно општество и за изградба на држава каде што секој граѓанин ќе биде еднаков. Секој обид за негирање на оваа историска вистина е чин на дискриминација што ги продлабочува меѓуетничките поделби и сериозно ја нарушува општествената хармонија“, велат од ДУИ.
Опозициската партија бара од власта да рефлектира и да престане, како што велат, со користење на двојни стандарди кои ги продлабочуваат поделбите и ги зголемуваат меѓуетничките тензии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Учество на министерот Муцунски на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО
На покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што се одржа во Брисел, во седиштето на НАТО Алијансата.
Во рамките на сесијата посветена на југот, во присуство на кралот на Јордан, Абдула Втори, министерот Муцунски, во име на нашата држава и земјите од регионот, Албанија, Хрватска и Црна Гора, ги пренесе ставовите за важноста која Алијансата ја дава на овој значаен регион за НАТО, особено на Јордан како близок партнер на Алијансата. Министерот ја истакна потребата од поблиска соработка во справувањето со заедничките предизвици и закани, како што се тероризмот и одржувањето на стабилноста во регионот. Тој ја акцентира важноста од отворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Аман, што ќе даде нов поттик во односите помеѓу НАТО и Јордан, како и дополнителна вредност за развојот на партнерските односи со земјите од Јужното соседство.
Министерот Муцунски се обрати и на Советот НАТО – Украина, на кој учествуваа новиот министер за надворешни работи на Украина, Андри Субиха, и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Маја Калас. Во своето обраќање, министерот ја потенцираше важноста од продолжување на поддршката што земјите, индивидуално и заеднички во рамките на Алијансата, ја даваат на Украина. Тој ја истакна нашата недвосмислена определба за севкупна поддршка на Украина во нивната борба за обезбедување на мирот, независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот. Притоа, ја нагласи потребата од реализација на реформските напори на Украина, преку имплементација на зацртаните приоритети што ќе овозможат целосна интероперабилност со земјите членки на НАТО, со цел понатамошна евро-атлантска интеграција на земјата.
Македонија
Мицкоски од Брисел: Фокусирани сме на реформите, но не прифаќаме ултиматуми
Mакедонската Влада останува фокусирана на реформи, останува фокусирана на обезбедување подобри услови за живот на македонските граѓани и нормално наша главна цел останува да биде полноправно членство на нашата Македонија во рамките Европската Унија, изјави премиерот Христијан Мицкоски од Брисел.
„Денеска имав можност да остварам две билатерални средби. Едната е со госпоѓата Марта Кос којашто е новиот комесар за проширување и господинот Антонио Кошта којшто е новиот претседател на Европскиот Совет. И на двете средби во исклучително пријателска, и би рекол срдечна и конструктивна атмосфера разговараме за сето она што ние досега го имаме поминато како предизвик во минатото, за сето она кое што ние требаше и се откажавме во името на европските вредности, но истовремено ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме и подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно за да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија.
Остануваме посветени на обезбедување подобар живот за нашите граѓани, а како дел од таа агенда е и нашата целосна инспирација да бидеме дел од европското семејство“ порача Мицкоски.
Македонија
20-годишникот приведен синоќа се обидел да го запали албанското знаме, соопшти Обвинителството
Скопското обвинителство поведе постапка против 20-годишникот за кого МВР извести дека бил приведен синоќа, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
„Осомничениот на 02.12.2024 година, во вечерните часови,се обидел да запали албанско национално знаме, при што бил забележан и спречен од полициски службеници кои го привеле“, информираа од Обвинителството.
Се додава дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Настанот се случува неколку дена откако на прослава по повод Денот на албанското знаме, се палеа и газеа македонски знамиња, што предизвика бурни реакции во јавноста.