Македонија
ДУИ: Изјавите на Изет Меџити се шокантни и длабоко вознемирувачки

„Изјавите дадени вчера од Изет Меџити, еден од раководителите на една мала партија во рамки на владината коалиција, се шокантни и длабоко вознемирувачки за секој граѓанин кој верува во правната држава“, велат од ДУИ.
„Во телевизиско гостување на едно од провладините медиуми, Меџити изјави дека ‘ако Таравари одлучи да соработува со ДУИ, тогаш Владата ќе ѝ направи услуги на ДУИ за ослободување на обвинети за корупција’. Ова не е лапсус. Ова е јавно признание дека правосудниот систем во државата е заробен, и дека Владата може да интервенира во одлуките на обвинителството и судството“, соопшти ДУИ.
„Со сопствени зборови, тој потврди дека правдата не функционира независно, туку се води според нарачки и интереси на неговиот политички шеф – Христијан Мицкоски.
Во една нормална држава, ваква изјава ќе предизвикаше итна институционална истрага и силна реакција од меѓународната заедница.
Затоа што ова е дефиниција за заробена држава – кога Владата одлучува кој ќе биде обвинет, а кој ќе биде ослободен од корупција.
Можеби токму затоа, најголемиот урбан корупциски случај во Чаир, иако јавно документиран и пријавен, сè уште чека правна разрешница во фиоките на Обвинителството.
Затоа што Владата прави ‘услуги’, ги заштитува избраниците и ја блокира правдата.
Ова не е правда – ова е компромитирање на правдата.
Ова не е владеење – ова е институционална манипулација.
Ова не е пат кон Европа – ова е опасно отстапување од европските стандарди.
Упатуваме јасен повик до Европската Унија, САД и сите релевантни меѓународни организации: не е доволно веќе само соопштенија и дипломатски фрази – потребна е конкретна реакција.
Затоа што денес, пред очите на јавноста, самите владејачки партнери признаваат дека Владата ја контролира правдата. Државата не може да гради европска иднина врз основа на партиски диктирана правда.
А ние, како глас на граѓаните, нема да молчиме пред оваа опасна фарса. Ќе продолжиме да се бориме – за независно судство, за одговорни институции и за држава која им служи на граѓаните, а не на партиските шефови“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.