Македонија
ДУИ: Мицкоски на погрешен пат, неуспесите не се покриваат со клевети

„Изјавите на премиерот Мицкоски и неговите повторни клевети зборуваат повеќе за неговата мака отколку за ДУИ. Наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област – од економијата до меѓународната изолација – тој се занимава со празни напади кон ДУИ“, велат од Демократската унија за интеграција.
„Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни: зошто неговата влада го крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година.
ДУИ не може да остане рамнодушна кога се крши Охридскиот мировен договор – документ од суштинско значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата. Обидот на Мицкоски да создаде политички „кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување. Ова не придонесува за кохезијата на општеството, ниту за политичка стабилност.
Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива.
Нас не нè интересира дали сме или не сме во власта – туку да ја придвижиме државата напред, да ја извадиме од ќорсокак. Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината.
Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство.
Што се однесува до обвиненијата за криминал и корупција, одговорот е едноставен: прифатете го предлогот на ДУИ за целосен ветинг. Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го.
ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен“, се наведува во соопштението од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.