Македонија
ДУИ: Членовите го напуштаат ВРЕДИ, Албанците се откажуваат од лагите на Меџити

Секој нов ден е нов пораз за ВРЕДИ. Членови, активисти и цели структури си заминуваат, оставајќи зад себе вештачка, празна и дискредитирана коалиција. Само во текот на овие денови, членови и структури од три општини јавно се оградија од оваа групација. Ова е јасен доказ дека Албанците не можат да се водат со лаги и дека политиката изградена врз лични интереси секогаш завршува со пораз, велат од ДУИ.
„Меџити и неговиот тесен круг ја претворија партијата, без оформени структури, во приватен бизнис – без идеја и без визија. Тие што вчера веруваа дека ВРЕДИ носи промени, денес ја гледаат вистинската слика на алчноста, поделбите и трговијата со албанските интереси. Албанците знаат да ја казнат политиката што ги потценува. ВРЕДИ е пропаднат политички експеримент на Мицкоски и граѓаните тоа го препознаа. Меџити се обидува да ја прикрие катастрофата со напади и празни изјави преку просрпската пропаганда на неговиот пријател Стоилковиќ, кој самиот призна дека во две-три ситуации го спасил од јавен срам. Сепак, Албанците повеќе не го слушаат и ја знаат вистината“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, додека ВРЕДИ се распаѓа пред очите на јавноста, Националната алијанса за интеграција стои цврсто и ги обединува Албанците.
„Тоа е вистинската политичка сила што расте секој ден и што ќе го води албанскиот народ напред – обединет и достоинствен. Октомври се ближи. Се ближи и часот на политичка и правна одговорност. Народот на референдум ќе им ја изрече казната“, велат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.