Македонија
„ЕВН е должна по автоматизам да врши корекција на паушалните сметки“, велат од ИНРМ
„Секое домаќинство има право на автоматска исправка на фактурите еднаш на три месеци – алармирани се институциите да го натераат ЕВН да го практикува законот“, велат од ИНРМ.
„Инженери на Република Македонија (ИНРМ) алармираат дека досегашната пракса на ЕВН Хоум за издавање на паушални фактури и префрлање на целата разлика во еден месец е спротивна на Законот за енергетика и предизвикува неправедни, зголемени сметки за граѓаните.
Во месеците јуни и јули на поголем број на домаќинствата им се испорачуваа пониски сметки врз основа на проценета потрошувачка, а во август, по извршеното отчитување и порамнување, целата разлика беше префрлена во еден трисетдневен пресметковен период. На тој начин, потрошувачката во висока тарифа се пресмета во повисоките тарифни блокови, што резултираше со значително поголеми износи на фактурите.
Поради тоа e поднесена претставка до Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за енергетика и ЕВН, како и барање за инспекциски надзор до надлежните инспекторати, со цел институциите да преземат мерки во рамките на своите надлежности. ИНРМ инсистира на доследна примена на член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој обврзува снабдувачот по автоматизам да издава коригирани фактури еднаш на три месеци, кога сметките се изготвени врз основа на проценета потрошувачка.
Во моментов, граѓаните можат да добијат исправка на ваквите фактури само ако индивидуално поднесат приговор, што е спротивно на законот. На овој начин потрошувачите се ставаат во нерамноправна положба и трпат финансиска штета. Ако оваа пракса продолжи, во грејната сезона домаќинствата ќе се соочат со значителни и неоправдани трошоци.
ИНРМ ја информира јавноста дека додека не се воспостави автоматска корекција на фактурите во согласност со законот, граѓаните имаат право да поднесат приговор до ЕВН на [email protected] и да побараат издавање на коригирана фактура. За полесно утврдување на евентуалната штета, може да се искористи едноставниот калкулатор преку кој секое домаќинство може да провери дали е оштетено со паушалното фактурирање за период од три месеци.
Законите ги штитат правата на потрошувачите, само е потребна нивна доследна примена“, се додава во соопштението на ИНРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

