Македонија
Европскиот суд пресуди: сексуалните работнички во Македонија биле држени во станица нехумано, без вода, храна и тоалет
Европскиот суд за човекови права донесе пресуда Д.Х. и други против Северна Македонија бр. 44033/17 со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.
Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.
Во ноември 2008 година, Министерството за внатрешни работи со спектакуларна полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција“ приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23- сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода.
За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им беа упатувани погрдни зборови и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминаа во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање.
По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права.
„Оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани. Како што утврдил и ЕСЧП, жртвите лишени од слобода, во ситуација која единствено е под контрола на властите е одговорност на Државата, а според ЕСЧП Владата не презентирала доволно докази кои убедливо докажуваат дека полициските власти ги земале предвид основните потреби на апликантите, вклучувајќи го и обезбедувањето храна, вода и пристап до тоалет за време на престојот во полициската станица. Дополнително, објавување на фотографии од полициската станица од кои може да се утврди идентитетот на жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи претставува повреда на правот на приватен живот“, велат од ХОПС.
Поради ова, ХОПС ги повика надлежните институции навремено да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права, да ги заштитат правата на сите жртви на полициската акција од 2008 година и да преземат мерки во иднина институциите, особено Министерството за внатрешни работи, да се воздржи од дејствија со кои ги повредуваат правата на сексуалните работници, како и мерки за ефикасна заштита на нивните права од страна на надлежните судови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

