Македонија
Европскиот сојуз за промени: Како се кандидира за претседател пациентот на Груевски

Кога веќе се дозна јавно дека кандидат на ДУИ за претседател на државата ќе биде Бујар Османи, би сакале да ја потсетиме јавноста, кој е всушност овој кандидат и колку заслужува да биде кандидат, а камоли избран претседател на Северна Македонија, велат од Европскиот сојуз за промени.
„Можеби некој и заборавил, но оние што ги следат настаните кај нас добро се сеќаваат на Бујар Османи како министер за здравство на Владата на Груевски во 2008 – 2011 година. А негов единствен успех во тие години беше ‘најкорумпираниот албански министер досега’. Тој е единствениот албански функционер кој бил предмет на специјалното јавно обвинителство за предметот ‘Пациент’, кој, кога му требаше на СДСМ во 2017 година, се измолкна. Меѓутоа, иако шајките се отстранети, трагите остануваат“, велат од Европскиот сојуз за промени.
Од тука го прашуваат Бујар Османи што е сторено со предметот „Пациент“ и каде завршија парите од тој предмет.
Освен ова, велат од партијата, ако веќе се одлучил да се кандидира за претседател, тој ѝ должи на јавноста да одговори на следниве прашања: „Дали е вистина дека респираторите за време на пандемијата Ковид-19 биле купени преку руска компанија и каква неговата поврзаност со оваа компанија?“ и „Каква е неговата поврзаност со компанијата што увезувала маски за време на пандемијата Ковид-19 и дали побарал од сите институции да ги користат тие маски?“.
„Кандидат за претседател и министер чиј најчест збор во неговата патетична реторика е зборот „евроинтеграција“, мора да одговори на овие прашања доколку сака да ја добие довербата од граѓаните. Додека Бујар Османи не одговори на овие прашања, повеќе за јавноста отколку за нас, бидејќи ние ги знаеме точно тие одговори, би сакале да ја информираме јавноста дека и во наредните денови ќе имаме неколку појавувања со кои пациентот на Груевски, Бујар Османи, ќе стане уште попознат за граѓаните на нашата земја“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.