Македонија
Единствена Македонија: Груевски и Заев во пакет треба да заминат од политичката сцена

Никола Груевски си заминува со оставката од пратеничката функција. На потег сега е Зоран Заев, кој треба во пакет да си замине со Груевски од политичката сцена, смета партијата Единствена Македонија.
Од партијата на Јанко Бачев преку соопштение велат дека владеењето на Груевски и Заев ќе биде запаметено по безаконие, криминал и корупција.
„Земјата ја тресеа скандали со масовни вработувања на членови на семејствата и блиски роднини на владини функционери, кражба на народни пари од министри, пратеници, владини советници, општински партиски претседатели, тендери од позиција на власт во милиони евра.
Секако, најстрашно е распродажбата и тргувањето на Груевски и Заев со националните и државните интереси, прво, преку антимакедонските отстапки на албанските партии и второ, преку верно и слепо слушање на своите странски газди во геноцидниот проект за уништување на Македонија и Македонците.
За волја на вистината, уништувањето на Македонија Груевски го правеше подмукло и прикриено со глумење лажен патриотизам додека Заев и не се крие и отворено ги врши предавствата спрема македонскиот народ. Исто така, на народот му продаваат романтичарски приказни дека за време на Груевски се крадело ама и се градело додека за времето на Заев само се крадело. Вистината е дека за време на криминалната приватизација власта на СДСМ украде околу 5 милијарди тогашни германски марки додека во постприватизацискиот период власта на ВМРО-ДПМНЕ украде околу 5 милијарди евра. Значи, разликата е само што едните краделе во марки другите во евра, а Груевки и Заев продолжија со грабежот на народниот имот и богатење врз грбот на народот.
Зоран Заев и Никола Груевски се дел од темното минато. Новата народна власт на Единствена Македонија која доаѓа ветува дека сето ова ќе биде расчистено, одговорност мора да има“, велат од партијата на Бачев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. Осло бр. 15б, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата, без вода ќе останат корисниците од ул. Осло. ( општина Карпош )
Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.