Македонија
Единствена Македонија: Ислашениот Заев не му дозволи на Бачев да зборува на конференција

Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, кој требаше да зборува на денешната конференција „Македонски перспективи – Како до Европа“, непосредно пред неговиот говор, насловен како „Понуда до Заев за јавен облог на симболични 1 денар дека Македонија ниту ќе стане членка на НАТО и ЕУ ниту ќе го промени името“, не му било дозволено да говори, велат од партијата.
„Единствена Македонија ја прифати поканата на „Цивил“ и благовремено пред два дена го потврди учеството на претседателот Бачев, но лицата од кабинетот на Заев во последен момент на лице место издејствуваа Бачев да биде тргнат од листата на говорници“, соопшти Единствена Македонија.
Спречувањето на Бачев да зборува на конференцијата, како што велат од неговата партија, е одлична вест за македонскиот народ бидејќи се гледа дека Заев е веќе уплашен и по секоја цена ги спречува активностите кои се на линијата на заштита на највисоките национални и државни интереси.
На конференцијата, како што додаваат од партијата на Бачев, говорници биле Зоран Заев, амбасадорите на Германија, Хрватска, Словенија, Унгарија и Бугарија, претседатели на владините наменски невладини организации и партиите од марионетската власта во Скопје, СДСМ, НСДП, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, а единствено не бил дозволен говорот на претседателот на Единствена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателот Пендаровски во посета на Берово

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Берово го посети Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост при Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа, каде што беа пуштени во употреба кабинети за физикална и хидротерапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Под покровителство на претседателот Пендаровски, минатата година Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија обезбеди финансиски средства во износ од еден милион петстотини и четириесет илјади денари, наменети за реконструкција на овој Дневен центар, односно за опремување на кабинетите и на сензорната соба.
Во Дневниот центар претседателот Пендаровски беше запознаен со начинот на кој функционираат кабинетите и сензорната соба, како и со очекувањата за нивниот придонес кон овозможување поквалитетна услуга и личен развој на корисниците.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од успешно спроведениот проект, нагласувајќи ја потребата од натамошно актуелизирање на предизвиците со коишто се соочуваат лицата со попреченост, како и од континуирано подобрување на условите и грижата за најранливите категории граѓани, со цел унапредување на нивните права и достоинство. Во тој контекст упати благодарност до кинеската амбасада за севкупната поддршка во реализацијата на проектот којшто е од исклучителна важност за овој регион.
Претходно, претседателот ја посети Територијалната противпожарна единица Берово каде што се сретна со пожарникарите и со дел од волонтерите коишто учествуваа во справувањето со пожарите што минатата година го зафатија регионот. Претседателот Пендаровски беше информиран за предизвиците со коишто се соочуваат пожарникарите, за опремата со која располагаат, како и за капацитетите и подготвеноста на противпожарната единица ефикасно да одговори при евентуални непогоди во тековниот период.
Македонија
Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите

Премиерот Димитар Ковачевски на „Фејсбук“ остро ги осуди немилите настани на вчерашните протести, апелирајќи до граѓаните да го изразат својот став на мирен и демократски начин. Тој ги повика и политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања и увери дека Владата во ниту еден момент не го довела под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека нејзина обврска е да го сочува достоинството на граѓаните.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Најостро ги осудувам вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот.
Изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и оваа Влада досега повеќе пати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.
Но, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо. Од последните случувања, и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа е Република Северна Македонија.
Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам – крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме.
Сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет. Во Република Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решава низ дијалог. Така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.
Почитувани граѓани, во ниту еден момент како Влада не сме го довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности“.
Македонија
Груби – Хулман: Патот кон ЕУ се отвора со францускиот предлог

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, ја прими амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман.
Содржината на францускиот предлог, протестите против овој предлог и предизвиците на интегративниот пат на земјата, беа дел од темите на кои се разговараше на средбата.
Исклучително е важно да се отклучи патот на интеграцијата преку конструктивен и опсежен преглед на францускиот предлог поддржан од 27-те земји од ЕУ, кој не им наштетува на идентитетот, културните, јазичните и историските карактеристики на нашите сонародници.
Груби истакна дека во овие клучни моменти на државата треба да се дејствува рационално, искористувајќи ја историската можност за решавање на последниот спор со Бугарија.
Амбасадорот Хулман беше информиран од првиот вицепремиер Груби за транспарентниот процес околу францускиот предлог и заедно утврдија потреба од оперативна компактност и сеопфатен ангажман на сите политички актери, академскиот свет, граѓанскиот сектор и сите граѓани за надминување на предизвиците бидејќи е време рационалноста да триумфира над субјективниот протагонизам.
Груби и амбасадорот Хулман се фокусираа и на реакциите предизвикани од објавувањето на содржината на предлогот, во кој случај Груби го осуди насилството употребено на организираните протести, кои беа оценети како непотребни антиевропски и штетни за дестабилизација на земјата.