Македонија
Единствена Македонија: Новата Влада е понижување за Македонците од етнички, патриотски, религиски и професионален аспект
Новоизбраната Влада е голем срам и понижување за Македонија и Македонците гледано од етнички, патриотски, религиски, стручен и професионален аспект, велат од партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев.
Гледано од етнички аспект, велат од паријата, во новата Влада мнозинство се министри од други етнички заедници со доминантна улога на дури 10 министри Албанци и уште неколку од помали етнички заедници. Според законот, Владата одлуките ги донесува со мнозинство гласови, што, како што се додава, значи дека македонскиот народ во својата матична држава добива второстепена улога во управувањето.
„Гледано од патриотски и национален аспект, во Владата доминираат личности што се директни учесници во најголемото злосторство врз македонскиот народ со бришење на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Религиски глеадно, во новата Влада доминираат министри со неправославна вероисповед во доминантно православна Македонија. Конечно, кадровскиот состав во Владата е со многу слаб стручен и професионален потенцијал, во која доминираат сервилни и полтронски личности кои се поставени на тие позиции врз основа на партиски калкулации, а не врз основа на знаење, способност, достигнување и работни компетенции, со исклучок на министерот за правда, што е поинтересно – во безбедносните и во ресорите за борба против високиот криминал и корупцијата се поставени партиски кадри заглавени во корупција, што значи дека државата и понатаму ќе ја водат длабоко корумпирани личности“, велат од партијата на Бачев.
Единствена Македонија останува на ставот дека е потребно да дојде народна власт, со силна национална и патриотска определба, која знае, може и смее, како што наведуваат од партијата, да ги поништи антимакедонските договори и да води борба против корупцијата вистински, а не лажно и профитерски, како што тоа го прави марионетската влада на СДСМ и ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: За два дена од Скопје се исчисти над четири и пол илјади тони отпад, скопјани имаат човек на кој може да се потпрат
Над четири и пол илјади тони отпад или четири до пет пати повеќе од секој вообичаен викенд што се собирало во Скопје се собрани во акцијата за чистење што ја почна новиот градононачалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски веднаш по преземањето на градоначалничката функција.
Во изјава дадена вечерва на плоштадот „Македонија“ по изминувањето на 72 часа, Ѓорѓиевски рече дека акцијата е успешно реализирана и дека во неа биле вклучени над две и пол илјади работници.
– Успешно ја завршивме оваа акивност на која се обврзавме дека ќе ја реализираме во 72 часа, иако состојбата на почетокот беше нереално да ја изведеме и сработиме како задача што самите си ја поставивме бидејќи беа десеткувани структурите во јавните претпријатија од аспект на организацијата и механизацијата со која располагаат. Кога ја презедов функцијата известив дека Комунална Хигиена имаше 16 камиони, денеска имаме повеќе од 40 камиони, но нашата тенденција е до петок да бидат околу 60 функционални камиони што значи дека ќе бидеме целосно самостојно оперативни. Изминатиот период тоа го бајпасиравме и со општествено одговорни компании кои сериозно ни помогнаа, како и градоначалниците на Тетово, Кавадарци, Штип, Велес и останатите, изјави Ѓорѓиевски.
Како што информираше, исчистени се сите микролокации во населените места, плоштадот „Македонија, Градскиот парк, Жена парк, речното корито на Вардар, депонијата кај Градските гробишта Бутел, а почнато е чистењето и на депонијата Вардариште.
– Освен микродепониите, исчистено е и речното корито на Вардар и после 10-тина години вештачки создадените островчиња од земја и разни наноси се исчистени. Плоштадот не беше испран долго време, третирано е и целото партерно уредување, мостот, Градскиот парк, Жена парк, односно сите места кои во минатото беа срам за Скопје. Нема да дозволам да се повтори грдата слика што ја гледавме во Скопје, нагласи Ѓорѓиевски.
Најави дека се прави оперативен план за дејствување и во следниот период и оти фокусот во зимскиот период ќе биде на решавање на овие состојби, а веќе напролет ќе почнат градежните активности.
– Скопјани да бидат спокојни, имаат човек на кој може да се потпрат во секое време и човек кој апсолутно ќе даде се од себе заедно со својот тим во наредниот период да не поминуваат низ голгота каква што имавме изминатите четири години, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски со предупредување до граѓаните, ќе се казнува секој што ќе фрла отпад
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека акцијата за чистење „72 часа“ се одвива одлично, со цел градот да изгледа „чисто, како што му доликува“.
Ѓорѓиевски рече дека во акцијата вклучени се повеќе од 2.500 луѓе и над 100 возила.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за одговорно однесување, предупредувајќи дека несовесното одложување на отпад нема да се толерира.
„Досега напишани се десетици казни на неколку правни субјекти, а оваа пракса ќе продолжи за секој оној кој го загрозува нашето здравје. Да го чуваме Скопје,“ порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Почнува откупот на тутунот
Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22 000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
„Од понеделник почнуваат да се верификуваат мосттрите тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет“, изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
„Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта“, смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26 000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22 000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
„Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската“, рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.

