Македонија
Единствена Македонија: Новинарските платеници треба да знаат дека Бачев не се криеше, туку војуваше против хунтата на Заев
Единствена Македонија преку соопштение реагира на вчерашните, како што велат од партијата, лаги на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, кој, според нив, преку своите новинарски платеници во партиските портали „Денешен“, „Курир“, „Република“ ширел подмолни лаги дека претседателот Јанко Бачев побегнал од завчерашниот митинг пред Собранието, дека бил човек на Заев, па излегол неповреден од протестот.
„Ние сме свесни за очајот на овие новинарски јаничари и платеници, претходно на Груевски, сега на Мицкоски, зошто ги шират ваквите лаги, свесни дека членството на ВМРО-ДПМНЕ масовно ги напушта предавничките политики на нивните ментори од раководството на ДПМНЕ. За разлика од платениците од порталите на ДПМНЕ, ‘Денешен’, ‘Курир’, ‘Република’, кои бараат и ликуваат за морбидни сцени со повредени лица на протестот, Единствена Македонија не посакува на кој било протест да има повредени како што имаше на сенародниот митинг пред Собранието со употреба на бруталната и незаконска сила од полицијата“, се наведува во партиското соопштение.
Од Единствена Македонија велат дека целиот македонски народ бил сведок оти пред Собранието првата испукана шок-бомба и првиот солзавец од полицијата биле фрлени токму врз претседалот Бачев, кој правел обиди да го запре полицискиот хермелин.
„Возилото тргна да го гази народот и притоа претседателот Бачев доби сериозни повреди за што беше хоспитализиран во една скопска болница“, појаснуваат од партијата.
Додаваат и дека за разлика од, како што велат, новинарските платеници на Мицкоски, кои од безбедна дистанца во своите домови го следеле протестот и чекале инструкции од Центарот за комуникации, претседателот на Единствена Македонија бил со македонскиот народ цела вечер пред Собранието и војувал со марионетската власт во Скопје по цена на своето здравје и живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

