Македонија
Езерото не е корпа за отпад
Деновиве, во Охрид, се одржаа неколку екоакции за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. На повеќе плажи учениците собраа разновиден отпад во рамките на проектот ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СВЕТЛА ИДНИНА, кој се реализира на иницијатива на Здружението на граѓаните „Нова порта“, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на овој проект е градење еколошки свесна младина. Од Здружението на граѓаните „Нова порта“ велат дека преку вакви акции за чистење на најкритичните места по должината на брегот на Охридското Езеро се подигнува еколошката свест кај јавноста, а од друга страна, се остава чиста слика пред почетокот на туристичката сезона во Охрид. Во акцијата се вклучија наставници и ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Охрид.
„Како наставен кадар се трудиме од најмала возраст да ги едуцираме децата за грижа кон животната средина. Би било добро да има повеќе вакви екоакции, да се вклучуваат што повеќе ученици. Ние сме свесни дека не можеме сè да исчистиме, но даваме пример како треба да се однесуваме, да бидеме екосвесни. Учениците ги учиме правилно да одлагаат отпад, но и да рециклираме отпад, а со тоа веруваме и со вакви акции ќе ја подигнеме свеста кај сите“, изјави Билјана Иваноска, наставник во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид.
Младите испратија силни еколошки пораки за зачувување на најстарото и највредно природно езеро во земјата и Европа.
„На отпадот местото му е во корпа за отпад“, „Не фрлај ѓубре во езерото“, „Да ја чуваме животната средина“, се дел од пораките на учениците.
„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов период на повеќе локации се собираше отпадот а се спроведе и акција под мотото „Езерото не е корпа за отпад“ на која преку транспаренти се испратија еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Езеро и крајбрежјето“ , велат од „Нова порта“.
Исчистените плажи, како еколошко чисти плажи, ќе се обележат и со еко-знамиња.
„Ваквите акции пред се имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина“, додаваат од „Нова порта“.
Во рамките на проектот предвидено е да се реализираат и неколку подводни чистења на Езерото во Охрид и Струга како и едукативни работилници со учениците од основните училишта.
За подигнување на еколошката свест во рамките на проектот ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

