Македонија
„Екосвест“: Ако не се почитува зеленото сценарио, ќе станеме пустина

Здружението „Екосвест“ реагира на прес-конференцијата на Владата, на која беше презентирана стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Иако го поздравуваат афирмирањето на зеленото сценарио во стратегијата, сметаат дека изјавите на владините претставници биле контрадикторни со целите на зеленото сценарио.
„Доколку долгорочната визија ни е енергетска транзиција и премин кон обновливи извори на енергија, како и 51 % намалување на емисиите на стакленички гасови, зошто слушаме изјави за продолжување на рокот на траење на РЕК ‘Битола’ и гасификација на државата? Ваквите проекти само ќе ни ги заробат инвестициите во фосилни горива за чие согорување по 2030 година ќе трпиме сериозни финансиски загуби, а тие ќе продолжат да причинуваат штети за здравјето на луѓето и климата дополнително осиромашувајќи нè, иако потпишувањето на договорот за грант со КФВ потврдува дека имаме и други опции, меѓу кои соларна топлана, кои во иднина ќе ги истиснат фосилните горива. Најавите за скапиот десулфуризатор ги слушаме со години знаејќи дека е нереална инвестицијата во ваков филтер додека се планира затворање на РЕК ‘Битола’“, велат од „Екосвест“.
Според нив, праведната транзиција не може да биде праведна само ако се направи премин кон обновливи извори на енергија, туку таа значи и обезбедување алтернативен економски развој за регионите зависни на јаглен надвор од индустријата со јаглен.
„Нашите анализи покажуваат дека Кичевскиот и Битолскиот Регион имаат уникатни можности за економски раст и развој надвор од индустријата со јаглен, но планот за праведна транзиција мора да потекне од работниците во локалните заедници. Затоа, не сме убедени дека на државниот врв му е јасно што всушност претставува праведната транзиција и како да ја спроведат“, сметаат од „Екосвест“.
„Во климатската криза во која живееме сè почесто се соочуваме со сушни периоди, а поради изградбата на малите хидроцентрали, губиме вода за пиење и вредни предели и биодиверзитет. Затоа е оправдано што Владата во својата програма за работа во делот на животната средина планира да воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. Но, премиерот на прес-конференцијата се обрати со комплетно спротивен став нарекувајќи ги овие проекти најеколошки од сите други еколошки проекти. Овие контрадикторности не може да нè убедат дека Владата е свесна за сериозноста на имплементацијата на зеленото сценарио ниту, пак, за потребата од трансформација на сите сектори во нашето општество за да се осигури дека енергетската транзиција ќе биде праведна за сите граѓани. Очекуваме поголема посветеност на државниот врв и сите надлежни институции на доследно спроведување на активностите и мерките од зеленото сценарио и искрен однос кон граѓаните при комуникацијата на нивните намери“, велат од „Екосвест“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.