Македонија
„Екосвест“: Битолската електрана емитува повеќе сулфур диоксид отколку сите електрани во Германија

Загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година, посочува новиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со „Екосвест“.
„Емисиите на сулфур диоксид остануваат најголем проблем кога станува збор за електраните на јаглен. Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се девет пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија“, се наведува во извештајот.
Емисиите на прашина (ПМ честички), велат од „Екосвест“, исто така, остануваат сериозен проблем. Од таму наведуваат дека со 3.684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е речиси исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата.
Директивата за големи согорувачки капацитети – ЕУ Директива за намалување на емисиите на опасни супстанци, којашто е пренесена и во македонското законодавство како дел од претпристапните обврски за ЕУ преку Спогодбата за Енергетската зедница, наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Сепак, велат од Екосвест, како што покажува извештајот, во 2020 година емисиите и панатаму се на опасно високи нивоа, повеќе пати над дозволеното.
„Во трите години откако Директивата стана задолжителна за имплементација во земјите од регионот, електраните во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово редовно емитуваат шест и повеќе пати повеќе сулфур диоксид отколку што е дозволено. Како резултат на ова, од 2018 до 2020 година, се проценува дека само од електраните на јаглен од Западен Балкан се предизвикани околу 19.000 предвремени смртни случаи. Речиси12.000 од овие се предизвикани поради надминувањата на граничните вредности за емисии на загадувачи, што значи дека би можеле да се спречат доколку земјите ги исполнеле своите законски обврски“, велат од „Екосвест“.
Од таму тврдат дека РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, се наведува во соопштението, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
„Во последните 10 години нема речиси никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за негово постепено напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“, вели Невена Смилевска од „Екосвест“.
„Северна Македонија официјално има план за престанок на употребата на јаглен и ова е пример што треба да следат земјите од регионот. Но, работите мора да се одвиваат побрзо за да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето. Мора интензивно да се инвестира во енергетска ефикасност, како и во сончева и ветерна енергија, за да може што побрзо да се случува планираната енергетска транзиција“, изјави Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување за Балканот во CEE Bankwatch Network.
„Секако, овој процес мора да е по принципите на праведна транзиција, каде што работниците и заедниците што зависат од работата на електраните на јаглен нема да бидат заборавени. Мора веднаш да се започне со изработка на планови за оваа транзиција со сите релевантни страни, особено со најзасегнатите заедници“, дополни Смилевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.