Македонија
ЕСЕ: За да се избегне неконтролирано ширење на Ковид-19 во Шуто Оризари, бараме итно да се преземат мерки

Неколку здруженија побараа итно да се преземат мерки во Шуто Оризари по потврдениот прв случај на заболен од коронавирус во оваа скопска општина.
„По најновите случувања во општината Шуто Оризари, односно по дијагностицираното лице позитивно на Ковид-19, три семејства со повеќе членови се ставени во задолжителна самоизолација. Семејствата живеат во една од најзагрозените населби во општината Шуто Оризари – Брсјачка Буна. Проблем претставува што семејствата живеат во импровизирани живеалишта, во супстандарни услови, без проточна вода, канализација и струја. Воедно, повеќето од нив делат иста просторија, без можност за остварување физичка дистанца. Овие лица немаат никакви можности да ги применат основните мерки за заштита од Ковид-19 при појава на случај на заболен член во семејството, како што се физичка дистанца, редовно миење на рацете, дезинфекција на површините, носење заштитни маски и сл. Доколку не се преземат навремени мерки, постои огромен ризик голем некои од овие лица да заболат од Ковид-19“, велат од здруженијата.
Тие сметаат дека поради тоа што жителите немаат можност да ги применат основните мерки за заштита од ширење на Ковид-19, постои голем ризик за ширење на инфекцијата во целата населба, па и пошироко во општината.
„Со цел да се избегне неконтролирано ширење на епидемијата со Ковид-19 во најзагрозените населби и во целата општина Шуто Оризари, бараме итно да се преземат координирани мерки од страна на Владата, главниот кризен штаб, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, единицата на локална самоуправа на општината Шуто Оризари и кризниот штаб во рамките на Општина Шуто Оризари“, се вели во заедничкото соопштение на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за развој и унапредување на ромската заедница – „Романо Чачипе“ и Иницијативата за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ, чија работа е поддржана од Фондацијата „Отворено општество Македонија“.
Тие бараат Владата да обезбеди и опреми соодветни објекти за изолација, да се воспостави протокол со цел при појава на идни случаи на лица заболени од Ковид-19 веднаш да се направи процена на условите во кои живее семејството, да се направи тестирање на Ковид-19 на примерок на лица, соодветно на епидемиолошката процена, од ранливата населба во Шуто Оризари, каде што веќе има семејства во самоизолација, да се обезбеди тим кој редовно ќе им мери температура на лицата од ранливите населби, да се отвори пункт за земање брисови за дијагностика на Ковид-19 во рамките на ЈЗУ Здравствена станица „Шуто Оризари“ и да се спроведува здравствена едукација, особено совети за превенција, правилна самоизолација, грижа за лице заболено од Ковид-19 и сите други потребни информации.
Здрженијата бараат и да се спроведува и редовна дезинфекција на улиците, на жителите што немаат проточна вода во домаќинствата во целата општина редовно да им бидат делени средства за дезинфекција на база на алкохол, а на сите граѓани да им се поделат маски за заштита, со информации за правилна употреба на маските и да се соопштува бројот на заболени и починати лица од Ковид-19 во општината Шуто Оризари, со што ќе се овозможи соодветно преземање превентивни мерки, особено во најранливите населби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.