Македонија
Заврши мандатот на судијата Вангелина Маркудова, Уставниот суд остана со 6 од предвидени 9 судии

Од Уставниот суд од денеска информираа дека работат со шест од предвидени девет судии поради завршување на мандатот на судијката Вангелина Маркудова.
Последната седница на којашто присуствуваше судијката Маркудова се одржа во средата, на 7 декември, и тогаш завршија нејзините работни обврски во Уставниот суд. Последна иницијатива по којшто Маркудова работеше и ја реферираше на седницата е за Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица и по овој предмет Уставниот суд поведе постапка, односно изрази сомнеж во уставноста на членот 22 кој им овозможува на разрешените функционери или оние кои сами си дале оставка да земаат плата (апанажа) и по завршувањето на мандатот, велат оттаму.
„Ѝ благодарам на колешката Маркудова затоа што даде пример што значи да се биде професионален судија без дамка и афера во нејзината правосудна кариера, посветен работник кој сите овие години обврските ги завршуваше дисциплинирано во работно време без да пропушти ден на работа и особено ми е драго што до крајот на својот работен век остана мирољубива и толерантна личност од која многумина може да учат” – кажа претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Вангелина Маркудова работи активно во правосудството од 1984 година, почнувајќи како приправник и стручен соработник во општинскиот суд Гевгелија во кој во 1986 година е избрана за судија. Во 1996 година е избрана за судија во Основниот суд Скопје I во којшто од 2007 до 2013 постапува во одделението за организиран криминал и корупција. На 21 ноември 2013 година е избрана за уставна судијка како предлог на Судскиот совет, нејзиниот мандат почнува да тече од 7 декември 2013 и заврши на 7 декември 2022 година.
„Ова е моја последна седница во Уставниот суд и сум горда што ќе се пензионирам и ќе си заминам со крената глава и чист образ. Го дадов својот максимум и секогаш, пред сè и над сè кога одлучував на ум ги имав граѓаните и нивните права” – кажа Маркудова.
Вангелина Маркудова како уставна судијка во својот деветгодишен мандат работеше на 256 предмети како судија известител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Приведени четири лица за каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград

Има приведени за нападот со камен врз македонскиот културен клуб во Благоевград, пренесе бугарскиот медиум НОВА од свои извори.
Во притвор се двајца мажи и две жени, сите на возраст од околу 40 години. Тие се од Благоевград и засега не е јасно кои се мотивите за делото.
Според неофицијални информации, по полициската акција во Благоевград, министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев разговарал со својот колега од Македонија и ги повикал локалните органи на прогонот да ја завршат работата за дефинитивно идентификување на напаѓачите на Христијан Пендиков.
Македонија
Падна системот на Фондот за здравство, но пациентите можат да подигнуваат лекови од аптека

Падна дел од системот на Фондот за здравствено осигурување во кој ги има личните податоци на сите здравствено осигурени лица во земјава.
Испадот на системот се случил вчера и од тогаш се бара решение. За “Макфакс” од Фондот велат дека и покрај проблемите со кои се соочени, пациентите не се засегнати.
„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето на рецепти и со подигнување на лекови во аптеките. Во моментов има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти”, велат од Фондот.
Проблемот со системот е видлив и на официјалната веб-страница на Фондот на која не може да се отвори делот “мое осигурување”.
Испадите на системот на Фондот зачестија последниве две години. Минатата година беше прекината врската меѓу Фондот и системот „Мој термин“ па пациентите не можеа да си купат лек на рецепт во аптеките, а во 2021 година, поради технички проблеми на системот две недели доцнеше ислатата на матичните лекари среде најголем притисок од пациенти со коронавирус.
Македонија
Ковачевски: Ја зацврстуваме соработката со САД, ги промовираме нашите стратешки интереси и на глобален план

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, одржаа прес-конференција, на која информираа за активностите во врска со Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД.
Премиерот Ковачевски информираше дека Владата, на денешната седница го прифати текстот на Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД.
„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност. Сега од кога било, со дијалогот ја надградуваме нашата досегашната соработка, партнерство и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, почитување на правото, борба со корупција и криминал и другите закани по мирот ширум светот“, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот Османи.
Премиерот потсети дека нашата држава годинава обележува 15 години како одржуваме стратешко партнерство со САД, период во кој континуирано добиваме поддршка во демократскиот и економскиот развој на земјата.
„Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД. Тоа е само надградба на досегашното долгогодишно стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво. Владата предводена од СДСМ, постави стратегиски определби за Северна Македонија и истите ги остваруваме со инцијативи и конкретни чекори, независно дали се работи за внатрешна или надворешна политика. Тоа е единствениот начин да ја развиваме земјата, единствено така можеме да придонесеме за промоција на нашите стратешки интереси и на глобален план“, нагласи премиерот.
Ковачевски потенцираше дека целта е што побрзо членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што истакна, на граѓаните им се потребни европски институции, европски стандард, европска иднина.
„За да го оствариме тоа потребни ни се структурни реформи, за тоа ни е потребно единство, одлучност, сега не е време за партиски калкулации. Цврсто сум убеден дека местото на Северна Македонија е во кругот на земјите-членки на Европската унија, затоа треба да ги искористиме сите можности и врз основа на поставени принципи на заштита на интересите на граѓаните да го оствариме тоа“, смета премиерот.