Македонија
Заев: Бугарија не е фашистичка земја, туку наш пријател
Бугарија не е фашистичка земја, таа е наш пријател, вели претседателот на Владата, Зоран Заев, во интервју за бугарската новинска агенција „Бгнес“.
„Одредивме заедничка прослава за историските личности од средниот век, од цар Самуил назад – од Кирил и Методиј, од Климент и Наум, имаме протоколи. Верувам дека двете земји се подготвени да ги објават затоа што мора да ги вклучиме во учебниците. Бидејќи новите генерации не ја знаат целата оваа реалност, таа мора да нè обединува. И во Северна Македонија и во Бугарија ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Треба да го смениме тоа. Ние веќе заменивме повеќе од 20 табли во земјата, каде што беше напишано бугарски фашистички окупатор. Тоа не е така – Бугарија не е фашизам, Бугарија е наш пријател“, рече Заев.
Говорејќи за историскиот период од Втората светска војна, Заев вели дека имало некоја администрација во тој момент, но потоа Бугарија се покренала заедно со антифашистите борејќи се за слободата и демократијата.
„Бугарските и македонските трупи ослободија територии – Крива Паланка, Куманово, Скопскиот Регион. И ова е добар дел од нашата историја, што нè прави уште пообединети. Ви ги потенцирам историските факти на кои мора да работиме во иднина бидејќи минатото не ни ја даде оваа можност. Сега мора да покажеме здрав разум за новите генерации, да го смениме сето ова во духот на големото пријателство што го имаме, што гарантира уште подобра соработка во иднина“, нагласи Заев.
Тој верува дека Југославија ги држела Македонија и Бугарија поделени. Вели дека задолжение е на сите граѓани, а најмногу на политичарите, да ги зближат народите што со години биле држани оддалечени еден од друг.
„Разни власти, особено во времето на бивша Југославија. Но, ние треба да бидеме заедно затоа што сме први соседи“, додаде Заев.
Премиерот вели дека Бугарија е првата земја што ги признала нашата независност и држава, а признавајќи го суверенитетот и државата, таа категорично го признала нашето право на самоопределување.
„Значи, тука нема сомнеж – дека сме Македонци и зборуваме македонски јазик. Тоа е факт. На крајот на краиштата, тоа е чувство, правилно е. Секој може да се дефинира како што сака, како што се чувствува. Вие знаете дека имаме многу националности, покрај Македонците – Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Роми, имаме и Бугари што живеат во земјата. Тие се наши граѓани и се добар мост за соработка меѓу двете земји и верувам дека во иднина она што треба да го разјасниме, пред сè, е тој историски момент, но низ призмата на пријателството“, вели Заев.
Тој понатаму истакнал дека ние имаме заедничка историја, а Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, па затоа неговото дејствување треба да нè обиднува како народи.
„Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да ја градиме иднината“, заклучи Заев во интервјуто за „Бгнес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Попов: Владата се залага за држава во која секој млад човек ќе чувствува дека политиката работи за него
На денешната трибина на тема „Локални и глобални предизвици од младинско значење“, организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и младината на Меѓународната Демократска Унија, се обрати Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, кој на самиот почеток истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализирала голем број од ветените проекти на изборната програма.
„За многу краток период, ВМРО-ДПМНЕ започна да реализира голем дел од своите заложби за младите од изборната програма, конкретни мерки во образованието, вработувањето и младинското учество. За првпат во историјата, нашата младинска организација може гордо да каже дека имаме тројца пратеници кои доаѓаат директно од нашите структури, тоа значи дека гласот на локалните младински совети, на студентските организации и на општинските канцеларии за млади, може директно да стигне до законодавниот дом“, рече Попов.
Попов истакна дел од владините мерки за поддршка на младите и студентите.
„Нашата Влада спроведе конкретни мерки, секој студент запишан на државните или приватните универзитети доби ваучер од 250 евра наменет за набавка на ИТ опрема, реновирањето на студентските домови, исто така ги подобривме можностите за вработување на млади професионалци, вклучително и вработувањето на 600 специјализанти кои го зајакнуваат нашиот здравствен систем, нашата иницијатива „Млад земјоделец“ ги поддржува младите во земјоделството преку доделување на 10.000 евра за секој што ќе започне земјоделски бизнис, промовирајќи го руралниот развој“, рече Попов и додаде:
„Заедно со нашите партнери во Владата, со нашите градоначалници и советници, и со нашите тројца пратеници, ќе се залагаме за Македонија во која секој млад човек ќе чувствува дека политиката работи за него“.
Македонија
Настапувал без дозвола: Аца Лукас приведен на концерт во Кавадарци
Српскиот пејач Аца Лукас синоќа бил приведен во Кавадарци околу 00:10 часот, за време на настап во угостителски објект.
Според информацијата од МВР, при акциска контрола спроведена од полицијата, во координација со инспектори и Управата за јавни приходи, било утврдено дека пејачот настапувал без потребната дозвола.
„Утврдено е дека лицето А.В. (57) од Република Србија настапувало без потребна дозвола. За сторениот прекршок до Основниот суд Кавадарци е поднесено барање за поведување прекршочна постапка, по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци. Лицето е спроведено во Основен суд Кавадарци по скратена постапка, каде му е изречена парична казна“, стои во соопштението на МВР.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ја напаѓа Кацарска поради предметот за линеарното зголемување на пензиите, од Уставен велат дека прозивките се преседан
На прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека уставната судијка Добрила Кацарска бара укинување на зголемувањето од 7000 денари на пензиите, додека истовремено бара зголемување на својата плата, која изнесува околу 100.000 денари.
Манасиевски изјави дека дел од судиите и обвинителите блиски до Социјалдемократскиот сојуз бараат енормни зголемувања на платите, а Кацарска, како што рече, „по насока од СДС“ бара намалување на линеарното покачување на пензиите. Во изјавата се наведува дека во време на СДСМ пензионерите добивале многу помали покачувања, додека, според него, лица во правосудството со ниска доверба бараат високи примања.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Социјалдемократите ја крахирале економијата и го контаминирале судството, а сега преку Кацарска се обидуваат да им ги одземат средствата на пензионерите. Манасиевски посочи дека барањата за високи плати во правосудството не се пропорционални со довербата од едвај 2 проценти.
Во изјавата, тој порача дека додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата ќе расте, а со тоа и платите и пензиите. Манасиевски побара од СДСМ јавно да се огради од барањето на Кацарска за поништување на зголемувањето на пензиите.
ВМРО-ДПМНЕ и претходните денови настапи со слични обвинувања, на коишто реагираше Уставниот суд, кој во соопштение остро ја осуди реториката за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Според Судот, нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата-известител, а во јавноста се создава погрешна перцепција за работењето на институцијата.
Уставниот суд информира дека во случајот се поднесени 17 иницијативи од граѓани, а не од судијката Кацарска, и дека одлуките се носат со мнозинство гласови, а не од еден судија. Судот оцени дека прозивките кои ја поврзуваат судијата со партиски интереси претставуваат притисок и опасен преседан, особено кога некоја одлука не одговара на политички субјекти.
Во соопштението се додава дека јавното напаѓање на судии е директен напад врз институцијата што го штити Уставот и дека прашањето на пензиите не смее да се користи како основа за политичко влијание врз Судот. Уставниот суд апелира политичарите да покажат уставно-правна култура и повтори дека останува имун на секој притисок или обид за влијание.
Pред два дена, Уставниот суд поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите. Судот оценува дека одредбата може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, како и да создаде нееднаквост меѓу пензионерите со различни износи на пензии.

