Македонија
Заев во Виена: Македонија е голема надеж за Балканот, затоа потребни се мотивирачки пораки од ЕУ и НАТО
Премиерот Зоран Заев во Виена се обрати во австрискиот Институт за меѓународни односи (ОИП), кој заедно со Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Балканската советодавна група за политика во Европа, ја организираше дебатата на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“.
„За мене како премиер, но и мојата земја и граѓаните на Република Македонија претставува голема чест да отвориме дебата од стратешко значење за земјата и регионот, за европската иднина на Југоисточна Европа преку случајот со Македонија“, рече Заев во обраќањето додавајќи дека Македонија направила голем скок напред само за една година, од работ на неуспех – кон најголемите аспирации – ЕУ и НАТО.

Премиерот истакна дека чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите, а тоа во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече, биле поттик да се изложи целиот политички кредибилитет и да се работи со транспарентност.
„Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот“, рече Заев.
Премиерот посочи дека новата демократска Влада, по 10-годишен режим, влегла во реформска акција за обнова и развој на демократските вредности, владеењето на правото и правдата, безбедноста на граѓаните и нивната економска стабилност и дека покажала лидерство во обидот да ги затвори сите отворени прашања со соседите.
Заев потоа ги соопшти и личните очекувања и, како што рече, очекувањата на граѓаните на Македонија.

„Очекуваме датум за отворање на преговорите со ЕУ. Затоа, повторно тука ја испраќам пораката – Ве молам да продолжите да нѐ поддржувате. Добивањето датум за отворање на преговорите со ЕУ значи подобар животен стандард за граѓаните во Македонија. За регионот тоа ќе значи мотивација за политиката на отворени врати на Унијата. За Европа и светот, тоа ќе значи зајакнување на евро-атлантските перспективи за овој стратешки важен регион, што честопати претставуваше извор на конфликт, но сега тој се трансформира во извор на стабилност, безбедност и перспективи во светски рамки“, истакна Заев.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот, од организаторите на дебатата добил значајна порака, дека сакаат да ја видат Република Македонија како дел од Европската унија и порака оти сега е моментот, по позитивните промени во земјата, државата да отпочне преговори со Унијата.
Во одговорите на прашањата во текот на дебатата, Заев рекол дека очекува позитивен референдум за името, дека Русија и Турција се исто така големи пријатели на Македонија со кои државата ќе продолжи да ја развива економската соработка и дека во врска со мигрантската криза земјава ќе продолжи да постапува во партнерство со ЕУ.
На настанот присуствувале истакнати претставници на научната и универзитетска јавност, на политиката, претставници на дипломатскиот кор, студенти, и граѓани од Македонија кои учат или живеат во Австрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

