Македонија
Заев во Пустец: Македонците во Албанија имаат институционална поддршка да се школуваат на својот мајчин јазик
Премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска, при посетата на општина Пустец, Мала Преспа во Албанија го посетија заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“, каде што беше потврдена донацијата која премиерот Заев ја обезбеди преку македонски компании за поддршка на инфраструктурното уредување на училишниот двор и дворот на градинката.
Денеска беа реализирани 15.000 евра од вкупно 30.000 колку што е донацијата. Останатите средства ќе се донираат во февруари 2021 година.
„Чест ми што сум овде, бидејќи ова заедничко основно и средно училиште е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година. Реализацијата на оваа иницијатива дојде со покажаната добра волја од страна на Владата во Тирана која прифати во реконструкцијата на 33 основни и средни училишта во Албанија, да биде вклучено и заедничкото основно и средно училиште во Пустец, во кое наставата се изведува на македонски и на албански јазик’, рече премиерот .
Денеска, додаде Заев, со нас донесовме одреден број книги од кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески, како и одреден број учебници кои можат да претставуваат дополнување на наставата во заедничкото основно и средно училиште во Пустец.
„Со поддршка на Владата и на нашето Министерство за образование и наука ќе ја поттикнеме и поддржиме непосредната соработка на македонските друштва во Албанија и на образовниот кадар по македонски јазик во училиштата од Мала Преспа со Институтот за македонски јазик ‘Крсте Петков Мисирков’, со Советот за македонски јазик, со Меѓународниот семинар за македонски јазик и со Филолошкиот факултет при Универзитетот во Битола, за организирање семинари и обуки на наставниците кои држат настава по предмети на македонски јазик“, рече Заев.
Тој најави започнување на постапка за отворање на почесен конзулат во Корча, во текот на 2021 година, подвлекувајќи дека тој ќе биде од особена важност и ќе претставува нова алка од повеќекратно значење за Македонците кои живеат во овој дел од Република Албанија.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, најави потпишување договор за соработка со Република Албанија во делот на образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

