Македонија
Заев во Стразбур: Европските пратеници ја препознаваат Македонија како партнер од доверба

Непосредно пред своето обраќање на парламентарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, имаше средба со претседателот на ЕП, Антониот Тајани, кој истакна дека европските пратеници ја препознаваат Република Македонија како партнер од доверба во справувањето на предизвиците на Европската Унија.
Премиерот Заев на средбата со Тајани се заблагодари за поканата и за честа што му е укажана да им се обрати на европските пратеници и да информира пред ЕП за постигнатите реформи и одлучувачкиот договор со Република Грција, со што се откочија процесите за забрзување членството на Република Македонија кон ЕУ.
Заев истакна дека нашата земја затвори долгогодишни прашања со соседите, а внатре во земјата го негува концептот „Едно општество за сите“, како докажана европска вредност.
На средбата двајцата соговорници разменија мислења и за претстојниот референдум во нашата земја, од кој се очекува одобрување за договорот со Грција и за чекорите што следуваат за финализирање на евро-атлантските интеграции.
Во рамките на својата посета на Стразбур, Заев, каде што на покана на Европскиот парламент им се обрати на европратениците, се сретна и со делегација на пратеничката група на социјалдемократските партии во Парламентот.
Шефот на пратеничката група, Удо Булман, и европските пратеници Кнут Флекенштајн и ТониноПицула му посакаа топло добредојде на премиерот Заев и изразија силна поддршка за историските одлуки на Владата на Република Македонија за договорот со Грција, како и за успешното спроведување на реформите.
Европските пратеници, социјалдемократи, нагласија дека има неподелено признание во Европскиот парламент за стратешки решенија за иднината на Република Македонија. Тие решенија се уште позначајни бидејќи се остварени во духот на најдобрите на европски вредности.
Премиерот Заев на средбата со европските пратеници изрази благодарност за силната поддршка на европските лидери кои со својот ангажман во одделни фази од процесот и со охрабрувањето, создадоа оптимистичка атмосфера за поттик и за успешно спроведување на чекорите што ги прави Република Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.
Премиерот Заев додаде дека поканата да им се обрати на европските пратеници во Европскиот парламент е јасна поддршка за насоката во која се движи Република Македонија и дополнителен импулс да се зајакнат и забрзаат реформите дома до датумот за преговори идната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.