Македонија
Заев: Ги решаваме предизвиците и годинава очекуваме напредок во интеграциите
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација од Бундестагот на Република Германија, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач со Комисијата за европски прашања во Бундестагот, придружувани од амбасадорот на Германија во Македонија, Томас Герберих.
Претседавачот Крихбаум и пратениците од Бундестагот пренесоа порака на охрабрување од Република Германија, за важните чекори што ги презема Македонија во реформскиот процес и во надминувањето на билатералните прашања, што ќе ги отворат перспективите на државата. Претставниците на германскиот Бундестаг изразија поддршка на почетокот на носењето на реформските закони во Парламентот, како и на разговорите помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија и на Република Грција во Охрид во насока на изнаоѓање решение на прашањето што стои на патот на интеграциите на државата.
Претседавачот со Комисијата за европски прашања во Бундестагот, Крихбаум, оцени дека е добро што Македонија ја предводи Влада насочена кон реализација на стратешките евро-атлантски цели, коишто, како што беше посочено, ќе значат и нови инвестиции во земјава, а со тоа и нови работни места, економски развој и квалитетен живот на граѓаните во Македонија.
„Почнуваме со носењето на реформските закони значајни за обезбедување независно судство, владеење на правото, професионални медиуми, или општо земено, со пакетот реформски закони, направени според препораките на Европската комисија и експертската група на Рајнхард Прибе. Низ инклузивните политики, нашата цел е да обезбедиме функционални институции во служба на сите граѓани. Исто така, од министерската средба во Охрид очекувам потврда на напредокот во разговорите, низ коишто верувам дека сме на пат да го решиме долгогодишниот спор. Интеграциите во ЕУ и НАТО за Република Македонија се стабилност, безбедност и економски развој. Веруваме во демократските и во европските вредности, ги решаваме отворените предизвици и поради тоа очекуваме напредок во 2018 година во евро-атлантските интеграции“, рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше и за отворените можности за унапредување на соработката меѓу бизнис-заедниците на државите, во здравството, како и во други области значајни за граѓаните.
Заев се заблагодари на Република Германија и на канцеларката Ангела Меркел за поддршката на принципиелно ниво и за стратешкото партнерство, низ коишто го помагаат развојот на нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

