Македонија
Заев: Два месеца по преспанскиот договор има само позитивни ефекти

Претседателот на Владата, Зоран Заев, попладнево се сретна со Томас Петричек, министер за надворешни работи на Чешката Република.
На средбата бил поздравен постигнатиот договор од Преспа и отворените НАТО-перспективи, резултатите на нашата држава на економски план во последниот период и реформскиот процес. Изразено било очекување дека во јуни ќе биде вреднуван напредокот на Република Северна Македонија со почеток на преговори со Европската Унија, соопшти владината прес-служба.
Премиерот Заев на состанокот посочил дека со политиките на дијалог во државата, на изградба на иднина со соседите и охрабрувањето од пријателите од меѓународната заедница, доаѓаат резултатите.
„Адаптиравме голем дел од донесената легислатива во реформскиот процес и очекуваме заокружување во претстојниот период на реформите во правосудството, борбата против корупцијата, безбедносните служби, јавната администрација, низ отворена соработка со опозицијата. Подготвени сме како држава да одиме напред. По 14 години од добиениот кандидатски статус, во јуни очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија“, истакнал премиерот.
Од Владата велат дека премиерот пред министерот истакнал дека позитивните промени во државата, во последните 20-тина месеци ги покажуваат првичните резултати во квалитетот на живот на граѓаните и економијата.
„По два месеца од постигнатиот договор во Преспа има само позитивни ефекти. Двојно се зголемени странските инвестиции за само една година, има раст на бруто-домашниот производ, од минусното салдо што беше затекнато, сега имаме намалување на невработеноста, раст на платите. Евро-атлантската иднина на Република Северна Македонија значи стабилност и безбедност за нашата држава и за регионот, но и економски развој“, истакнал Заев.
На средбата било констатирано дека постојат пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Чешката Република што овозможуваат интензивирање на соработката. Во таа насока било разговарано за посета на бизнис-делегација од Чешката Република, на нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.