Македонија
Заев до борците од НОБ: Благодарение на вашиот подвиг денес ја имаме Република Северна Македонија
Премиерот Зоран Заев се обрати на настан по повод 73 години од основањето на Сојузот на борците, како дел од серијата свечености со кои годинава се одбележува јубилејот – 80 години од Народното востание.
Заев пред присутните, меѓу кои и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, претседателот на Главниот одбор на сојузот, Никола Стојаноски, и потпретседателот Борко Зафировски, бројни членови и поддржувачи, во Домот на Армијата изрази длабока благодарност за подвигот на борците и непроценливото дело кое го оставиле, а тоа е, како што рече, македонската државност, како вековен стремеж за многу генерации.
„Благодарение на храбрите борци на НОБ водени од начелата за правда, солидарност и еднаквост, денес сите ние Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество. Едно и еднакво општество за сите во кое ќе владеат принципите на правда, одговорност и еднаквост“, истакна Заев и додаде дека во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штеделе себеси, ниту својата младост и своите животи.
Премиерот нагласи дека овие борци без разлика на пол, вера, убедување и народност, но водени од желба за подобар живот, одважно и недвосмислено застанале на вистинската страна на историјата, во тие бурни и преломни времиња.
„Благодарение на овој подвиг денес ја имаме Република Северна Македонија, меѓународно призната држава со сите постулати на државност, членка на Обединетите нации со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет“, посочи Заев.
Тој кажа дека секоја генерација е должна да го понесе својот дел од товарот во борбата за праведно општество и дека борбата на сегашните генерации е да обезбедат развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава, во која младите ќе имаат просперитетна иднина.
„Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција. Денес Северна Македонија е дел од моќното НАТО-семејство, споделувајќи ги демократските вредности. Нашата држава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедност. Оваа генерација направи непоколеблив избор и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија меѓу напредните нации. Водени од светлиот пример кои ни го оставивте, борките и борците, ја продолжуваме грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик и нашиот македонски идентитет“, нагласи премиерот.
Заев истакна дека Владата останува и понатаму посветената на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на, како што рече, светлите датуми од Народноослободителната борба.
На премиерот во оваа пригода му беше доделена Благодарница за особен придонес во афирмацијата на Сојузот на борците и придонес во заедничкиот пат кон современа и просперитетна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

