Македонија
„Спасовски вршел притисок врз обвинителите во СЈО за кои луѓе да се гонат, Катица Јанева работела по наредба на Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС, Заев и Спасовски, преку Катица Јанева, контролирале кои предмети СЈО ќе ги обработува, кој обвинител ќе ги води и кои лица ќе бидат опфатени. Обвинители како Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска ги обработувале овие предмети, додека Јанева имала улога на координатор, бидејќи немала експертиза во материјата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СЈО работело под директна насока на Зоран Заев и СДС. Советник на министерот за внатрешни работи, Спасовски, за време на техничката влада пред околу 10 години, во канцелариите на СЈО му рекол на обвинителот Кадриу дека треба да се прошири опфатот на лица во одреден предмет. По нејзиното одбивање, тој заминал да се жали на друго место, а Кадриу подоцна била отстранета од работа.
Заев и Спасовски преку Катица Јанева ја управувале работата во СЈО. Спасовски преку неговиот советник давал насоки за избор на предмети и кој обвинител кој предмет ќе го работи, кои лица треба да се опфатат и кој да одговара.
Катица Јанева била само координатор додека предметите ги работеле и Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска.
Кривичните пријави биле доставувани на лист и незаконски пренесувани од ЈО во СЈО по политичка желба на СДС. Поранешната обвинителка Лејла Кадриу како што сведочи била отргната од СЈО бидејќи не сакала да учествува во криминалот на Јанева поради што и била избркана од работа.
Прислушуваните разговори „бомбите“ првично не можеле да бидат доказ, но со само една одлука на апелационен судија биле прифатени во судските постапки.
Постоеле координирани врски меѓу СЈО, обвинителството и судството за да се прифаќаат предмети по насока на СДС, Зоран Заев и Оливер Спасовски. Судии кои не соработувале биле изложени на притисоци и закани. Секој што не бил „тимски играч“ со Јанева и СЈО бил под притисок, а еден поранешен судија и претседател на суд бил осуден.
СЈО на Катица Јанева и Заев се најголемиот срам за правосудниот и обвинителски систем во државата кој дополнително ја поткопа недовербата во институциите. ЈО да го испита целиот случај и одговорноста кај инволвираните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

