Македонија
Заев и Филипче: Масовно да ја прифатиме вакцинацијата за да ставиме крај на пандемијата

Да ги почитуваме максимално мерките за заштита и масовно да ја прифатиме имунизацијата за да ја доведеме до крај борбата со пандемијата на Ковид-19. Ваква порака испратија денеска претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за здравство, Венко Филипче, кои за време на својата работна посета на Прилеп ја посетија Градската општа болница „Борка Талески“.
„Тука сме за да ги слушнеме од прва рака и нивните пораки и укажувања за да најдеме најдобри решенија на локално ниво доколку за тоа има потреба. Во овој актуелен бран Прилеп е една од најпогодените општини и секое укажување е добредојдено. Во кругот на градската болница е поставена модуларната ковид-болница за да се ублажат последиците од овој нов и интензивен ковид-бран, како и да се обезбеди соодветна грижа за хоспитализираните пациенти“, истакна премиерот.
Заев додаде дека во рамките на Центарот за јавно здравје – Прилеп комплетно е реорганизиран просторот во микробиолошката лабораторија, а со нова опрема и кадар е оспособена и молекуларната лабораторија за тестирање пациенти на Ковид-19, а како поддршка на Општината и на болницата, во меѓувреме се примени нови 12 општи лекари и 10 медицински сестри, кои се исклучително значајни во целата оваа ситуација.
Особено значајни се, рече премиерот Заев, сите други активности на општината за постојано алармирање на граѓаните да се придржуваат до рестриктивните мерки и до мерките за лична заштита.
„Вчера, во земјата пристигнаа и првите 20.000 дози од вакцината ‘спутник В’ како прва количина од вкупно 40.000 дози од двете компоненти на оваа вакцина и заедно со претходно пристигнатите вакцини од нешто повеќе од 70.000 дози го овозможуваме континуитет на веќе почнатиот процес на имунизација, како и побрз почеток вклучување на повеќе лица од најкритичните групи наши граѓани во согласност со нашиот национален план за имунизација“, нагласи премиерот Заев.
Тој упати порака на охрабрување граѓаните масовно да ја следат постапката за вакцинирање и да бидат во контакт со своите матични лекари за да го осигурат својот термин за вакцинација.
„Вакцините се здрави, проверени, меѓународно тестирани и граѓаните ќе ги примат оние вакцини што одговараат на нивната старосна група и на нивната здравствена состојба. Колку побргу заврши процесот на имунизација, толку побргу ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател“, порача Заев во својата изјава за медиумите за време на посетата на прилепската болница.
Министерот за здравство, Венко Филипче, од своја страна, рече дека модуларната болница во Прилеп е еден од деветнаесетте објекти што ги поставиле за рекордно кратко време.
„Во болницата во Прилеп во изминатиот период навистина многу инвестиравме. Примени се над 100 вработени лекари и медицински сестри, без кои тешко овој удар ќе можеше да се амортизира и да се даде здравствена услуга. Беше направен нов ургентен центар и оваа година инвестициите ги заокружуваме со тоа што Прилеп првпат добива апарат за магнетна резонанција“, информира министерот Филипче.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, во изјавата за медиумите рече дека со новата модуларна болница ќе имаат поголема сигурност за медицинскиот персонал, кој се бори повеќе од една година со коронавирусот.
„Како градоначалник и шеф на кризниот штаб постојано сум во комуникација со сите институции и Министерството за здравство и ја следиме ситуацијата и сакам да потенцирам дека сме подготвени за пикот што се очекува во Прилеп во следните десетина дена. Апелирам до граѓаните да се придржуваат до мерките максимално“, порача Јованоски.
Како што информира директорката на болницата, Кети Смилеска, ЈЗУ Општа болница Прилеп со проширена дејност функционира со 5 ковид-центри, со вкупно 130 легла, од кои 50 на централен довод на кислород, а другите потреби се покриваат со боци. Таа соопшти дека капацитетот е максимално искористен и беа забрзани активностите за подготовка на модуларната болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Криминалецот Ацо Велковски, кандидатот на СДС за општина Лозово е сигурна формула за длабок пораз

„СДС нема квалитетни кадри и како резултат на тоа по четврти пат во Општина Лозово го кандидира Ацо Велковски. Доколку СДС имаа луѓе со капацитет, немаше да го кандидраат човекот кој има доживеано два локални порази и кој зад себе има повеќе кривични дела“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Велковски е осуден за повеќе кривични дела и тоа за несовесно работење за кое му е изречена казна затвор од времетраење од 1 година и 6 месеци. За кривичното дело проневера во служба, на Велковски изречена му е казна затвор од 8 месеци која беше заменета со алтернативна мерка условна осуда.
Освен овие две Велковски има и уште едно кривично дело и тоа за неовластено навлегување во компјутерски систем, за што судот му изрекол казна затвор од 3 месеци и истата е заменета со алтернативна мерка-условна пресуда.
И ова како да не е доволно за криминалната матрица на СДС, Венко Филипче повторно го избра Ацо Велковски да биде кандидат на локалните избори.
И ова не е ништо друго освен сигурна формула за загарантиран и длабок пораз на СДС на претстојните избори.
СДС повторно ќе „трча“ со истите луѓе кои имаат длабоко криминално досие, но граѓаните препознаваат и нема да дозволат општината да се врати во времето кога се бркаа бремени жени од работа, и кога се изживуваа со вработените во општинската администрација.
Ацо Велковски, кој работеше исклучиво само за свои лукративни цели не може да биде вистинскиот избор за Општина Лозово.
Наспроти овие кадри, кои се и повеќе од познати во јавноста по своите криминали, ВМРО-ДПМНЕ нуди кадри поткрепени со знаење и професионализам“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Влен: Али Ахмети дијаспората заслужува одговор – со каков договор ја предаде?

По долго молчење, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, конечно реши да проговори. Да се каже дека „пописот бил во рамките на договорите“ не претставува само јавно признавање на одговорност, туку и шокантен доказ за политичките пазарења направени на грбот на албанската дијаспора. Оваа изјава не е објаснување, туку скандал, велат од Влен.
Затоа, додаваат од коалицијата, Али Ахмети мора јасно да одговори: со кој договор, со кого беше постигнат, во чие име и дали тој договор значеше бришење на албанската дијаспора од официјалните регистри?
„Ако е така, тогаш тоа мора јавно да се признае. Дијаспората заслужува одговор, а одговорноста е неизбежна. ВЛЕН ќе продолжи да го крева гласот за правата на секој Албанец, во земјата и во дијаспората. Дијаспората не е бројка што може да се избрише, туку срцето што ја одржува живa економијата и надежта на оваа земја. Ние го цениме нивното жртвување и сме решени да не дозволиме ниту една политичка измама да го негира нивниот придонес“, велат од Влен.
Македонија
„На СДС и Филипче им премина во навика преку функционери да се закануваат, овој пат на новинари преку Костадинов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Насилството, ароганцијата, заканите, јавното линчување на луѓе и говорот на омраза почнуваат да стануваат заштитен знак на СДС. Преку своите, и така малку функционери, во изминатиот период СДС демонстрира загрижувачки деликвентен однос казнив со закон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како да не беше доволно насилството и заканите на нивниот советник во Советот на Општина Кочани, сега во исто сценарио влезе и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој јавно се заканува на новинари и повикува на освета.
Ова не може да биде случајност, тоа е сценарио на СДС и Венко Филипче да ги заплашат и замолчат новинарите, да не смеат да бидат критички кон нив.
Ова го потврдува и фактот што веќе втор ден ги нема ни СДС, ни Филипче збор да кажат и да го осудат ваквиот примитивен и нецивилизиран начин ка јавна комуникација на Костадинов, полна со закани и говор на омраза.
Костадинов упати продолжена закана по животот на новинарот, потенцирајќи дека врз него ќе биде извршена освета со тешки последици по неговиот живот.
„Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.”, е порака која СДС и Филипче ја праќаат преку Костадинов со цел да внесе траен страв кај новинарот.
Тој понатаму додава, „Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.”
Но, овој новинар не е цел сам по себе, ова е тактика на СДС и Филипче за заплашување на новинарите, кои имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
На оваа закана не смее да се молчи, затоа ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика.
А воедно, упатуваме апел до Јавното обвинителство да го повика Костадинов на распит за да го праша како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него.
Оваа закана не смее да помине и да остане неказнета.
Ако општеството и институциите потклекнат под оваа јавна закана на Костадинов се става во траен ризик од губење на сите до сега воспоставени законски стандарди и општествени норми“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.