Македонија
Заев и Царовска: Креиравме социјална реформа која целосно ја менува грижата за ранливите групи

„Тргнавме од определбата да создаваме праведно општество, кое вистински се грижи за намалување на социјалната нееднаквост во општеството и креиравме социјална реформа која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани и значително ја зголемуваме финансиската помош што ја добиваат“, рече во изјавата за медиумите претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и со директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Наташа Станојевиќ, имаше средба со корисници на социјална помош и социјални работници.
Средбата беше организирана за да се чујат граѓаните и нивните пораки за мерките од социјалната реформа и за нејзината реализација според нашите очекувања.
„Тргнавме од определбата да создаваме праведно општество, кое вистински се грижи за намалувањето на социјалната нееднаквост во нашата земја. Креиравме социјална реформа, која целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани и значително ја зголемува финансиската помош што ја добиваат најсиромашните. Новиот систем овозможува поддршка, обуки и советувања за да може секој човек исто така да почне да работи“, рече премиерот Заев.
Реформите во социјалната и детската заштита ги правевме многу внимателно, истакна на средбата премиерот Заев, со цел да ги опфатиме сите ранливи категории и да овозможиме еднакви шанси за секое дете бидејќи тоа е определбата на оваа Влада и таква држава заслужуваат нашите граѓани.
„Оваа реформа, што ја направивме оваа година, и веќе шест месеци можеме да кажеме дека ги дава резултатите, опфаќа повеќе од 120.000 граѓани. Важно е да се каже дека со социјалната пензија или државната пензија веќе опфативме 4 илјади корисници, што значи дека полека ги достигнуваме таргетите. Образовниот и детскиот додаток ги даваат своите резултати, тие ги дополнуваат приходите на семејството сè со цел идните генерации да ги стимулираме да излезат од сиромаштија преку образование“, истакна министерката Мила Царовска.
Таа додаде дека со социјалната реформа се воведува и нов начин на работа на социјалните центри. Лицата во социјален ризик добија семеен социјален работник, кој ќе работи директно со нив сè до извлекување од ризикот во кој се наоѓаат.
Директорката на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Наташа Станојевиќ, нагласи дека новиот систем овозможува поддршка, обуки и советување за да може секој човек да почне да работи и дека граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа.
Овие придобивки ги потенцираа и корисниците на социјална помош, кои рекоа дека новите реформи со зголемената финансиска поддршка и особено мерките за стекнување квалификации за вработување, им отвораат реални шанси да се извлечат од наследената сиромаштија.
На средбата беше кажано дека вкупно 27.000 семејства во моментот ја примаат гарантираната минимална помош, 27.130 деца земаат детски додаток, образовниот додаток го користат 8.678 деца, а со мерката социјална пензија се опфатени 4.148 возрасни лица. Се очекува овие бројки да продолжат да растат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Феликс бил убиен зошто мавтал со опашката, велат активистите

Убијците на Феликс денес во судница се осмелија да го наречат неговото радосно мавтање со опашката – напад. Снимка на која куче радосно им приоѓа ја користат како алиби за злосторството и доказ дека било агресивно. Крвникот Љубе Крстевски се појавува на само едно од шесте презентирани видеа и Феликс не се ни доближува до него, велат од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
„Тврдат дека љубопитност и приврзаност се причина за ѕверска ликвидација. Каква болна логика. Ако едно животно секојдневно ти приоѓа со доверба, тоа значи дека заслужува да биде убиено? Толку се бедни, што ова „доказно видео“ не им го доставиле на обвинителството и на адвокатката. Но не зашто е доказ за „агресијата“ на Феликс, напротив, зашто е неосновано и зашто сакаат да го манипулираат процесот зад затворени врати“, велат активистите.
Додаваат дека убивањето на невино животно што им верува на луѓето е злосторство што не може да се сокрие зад евтини извитоперени конструкции.
„Ја повикуваме судијката Лидија Петровска да изрече максимална затворска казна за убиецот Љубе Крстевски и неговиот соучесник Бранко Билбиловски. Тие не само што не се каат, туку тврдат дека Феликс „сам си го барал“ да го убијат“, велат од Зелен хуман град.
Македонија
Поради несовесно работење на судија, осуденик почнал да издржува затворска казна со задоцнување од една година

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Несовесно работење во службата.
Обвинетиот, во текот на 2024 година, додека извршувал функција судија за извршување санкции во Основниот суд во Кавадарци со умисла несовесно постапувал во предмет за извршување затворска казна за еден осуден.
Затворската казна од 3 години и 8 месеци била изречена со правосилна пресуда на Основниот суд во Гевгелија. Меѓутоа, обвинетиот судија, иако примил известување за пресудата на 05.04.2024 година, првиот пат упатниот акт го изготвил со задоцнување и осудениот го упатил на издржување на затворската казна во КПУ Гевгелија, наместо во КПУ Идризово – Скопје согласно висината на изречената казна.
Потоа, откако гевгелискиот затвор известил дека казната не може да се издржува во таа установа, судијата за секоја одлука што ја носел во предметот ги пробивал законските рокови, се до 04.06.2024 година кога добил известување дека осуденикот не се јавил на издржување на затворската казна во Идризово.
Иако согласно закон бил должен во таква ситуација во рок од 24 часа да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице, обвинетиот судија тоа го направил дури на 07.06.2024 година.
По распишана централна потетница, осуденото лице било пронајдено и лишено од слобода, и започнало да ја издржува затворската казна речиси една година подоцна, на 11.03.2025 година наместо во април 2024 година.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на работниот ручек со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во земјава, по повод завршувањето на полското претседавање со Советот на ЕУ.
Сиљановска-Давкова потсети на дведеценискиот македонски интегративен пат од добивањето на кандидатскиот статус, неправедните политички пречки коишто го кочат напредокот и ја поткопуваат јавната доверба во процесот на проширување во ЕУ.
Таа укажа на последните истражувања на јавното мислење во земјава коишто покажуваат зголемена недоверба во политиката на проширување, дури и кај младите луѓе.
Претседателката предупреди на штетноста од билатерализацијата, посочувајќи дека ирационалните прашања поврзани со идентитетот или билатералните спорови не треба да ја попречуваат интеграцијата.
Нагласувајќи дека застојот носи далекусежни ризици и го прави нашиот регион ранлив, таа оцени дека со поткопувањето на стабилноста на Западниот Балкан се загрозува и стабилноста на Европа во целина. Европската интеграција, според претседателката, не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.
Сиљановска-Давкова го реафирмираше барањето да се движиме напред врз основа на заслуги, како и секоја друга земја-кандидат.
Охрабрувачки, според неа, е што данското претседателство препознава дека понатамошното проширување на ЕУ е геополитичка неопходност. Таа нагласи дека е добро што Данска планира да го води процесот на проширување преку континуиран политички дијалог и во согласност со Копенхагенските критериуми и пристап базиран на заслуги.