Македонија
Заев: Нашата кауза нема да дозволи Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја упропастат државата
За пуста желба за власт, биле спремни државата да ја носат низ брдо, а народот да страда, со овие зборови преку социјалните мрежи Зоран Заев се обрати до јавноста првпат откако најави оставка од премиерската функција и од претседателската позиција во СДСМ.
„Овие денови сведочиме за загрозување на договорот од Преспа, на договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите“, посочува Заев.
Сепак, тој нагласува дека во државата има народ, граѓани, демократи, борци и политичари, кои, како што вели, нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново.
„Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека зад оваа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, порача Заев преку социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.

