Македонија
Заев најави дека не сме далеку од договор со Бугарија, опозицијата бара со декларација да се утврдат позициите

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека не сме далеку од договор со Бугарија. Тој рече дека не се разговара за отстапки, туку за решенија меѓу двете страни.
„Постојат начини како тоа да се реши. Секако, уште еднаш потенцирам, драго ми е што Бугарија ги признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност, а верувам, дека преку тие формулации ќе се изнајдат и решенијата заради тоа што постојат решенија, секако внимавајќи едни на други како страни во договорите – ние на бугарската страна, а бугарската страна да внимава на нас. Тоа го прават пријателите и верувам дека покажеме уште еднаш дека сме големи пријатели“, нагласи Заев додавајќи дека се надева на средба со бугарскиот премиер, Бојко Борисов, до вториот Совет на министрите во декември.
Борисов вчера пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ вчера изјави дека подава рака за дијалог.
„Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни“, изјави Борисов.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение прашува каква понуда за нов договор овие денови дал Заев до Софија и дали се нуди нова промена на Уставот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, потребно е да се изгласа декларација во Собранието по која ќе се водат преговорите со Софија.
„Ако Заев е за зачувување на македонскиот идентитет и јазик, како што формално тврди, нека престане со тајните разговори, ајде да изгласаме декларација во Собранието по која ќе се водат преговорите со Бугарија. Но, Заев бега затоа што Заев ветил работи што сега не знае како да ги исполни“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Американската амбасадорка во земјата, Кејт Мари Брнс, изрази надеж дека Северна Македонија ќе продолжи со процесот на пристапување кон Европската Унија.
„Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме првата меѓувладина конференција до крајот на годината. Влезот на Северна Македонија во ЕУ го гледаме како заеднички интерес“, изјави американската амбасадорка.
Според неа, билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање.
„Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите“, изјави Брнс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.