Македонија
Заев најави државна помош за јавните комунални претпријатија
Државата ќе им излезе во пресрет на јавните комунални претпријатија во тековниот кризен период, истакна премиерот Зоран Заев на средба со претставници на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
На средбата беше разговарано за состојбата и тековните предизвици со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија во земјата и можностите да го одржат квалитетот на услугите кон граѓаните во претстојниот кризен период предизвикан од пандемијата на Ковид-19.
Претставниците на АДКОМ, на чело со претседателот Зоран Георгиев, го запознаа премиерот со актуелните проблеми и барања на Здружението на даватели на комунални услуги, кои се однесуваат на даночни и друг вид финансиски олеснувања и субвенции, со цел да ја подобрат ефикасноста на своето работење.
Премиерот и министрите ги разгледаа нивните барања и изразија цврста волја да им се даде силна поддршка во претстојниот период.
„Сите заедно пребродивме една тешка сезона и државата чувствува должност да им помогне на јавните комунални претпријатија. Ние тоа ќе го направиме и преку зајакнување на општините преку следниот пакет за децентрализација“, порача премиерот Заев.
Тој изрази уверување дека Владата, во соработка со државните институции, ќе најде решение за отпис на каматите за долгови што ги имаат јавните комунални претпријатија кон државните институции, а во наредниот период преку еднократна интервентна мерка ќе ги поддржи јавните комунални претпријатија во износ на една минимална плата за вработените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.

