Македонија
Заев на онлајн средба со Шарл Мишел: Вложеното и оствареното нè прави подготвени за преговорите со ЕУ
Најважните приоритети на Република Северна Македонија во актуелниот период е да биде усвоена Рамката за преговори со ЕУ од страна на Европскиот совет и одржувањето на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ до крајот на годината под претседателството на Германија, беше истакнато на разговорот на премиерот Зоран Заев со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, што беше организиран онлајн и во кој учествуваа и заменик-претседателот на владата за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Од Владата соопштија дека на онлајн средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, било констатирано дека позитивниот исход за одржување на првата меѓувладина конференција ќе биде поттик за побрзи домашни реформи, како и позитивен сигнал за регионот со што ќе се потврди европската перспектива на Западен Балкан, како една од целите за проширување на ЕУ.
„Вложено е многу од двете страни и исто толку многу е остварено што нè прави, како земја, подготвени за преговорите по поглавја за целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда“, рекол Заев.
Тој во разговорот потенцирал дека приоритети на Владата за следниот период се понатамошното унапредување на агендата за реформи на ЕУ на инклузивен начин, со вклучување на опозицијата во Парламентот и со активно учество на граѓанското општество и меѓународните партнери.
На онлајн средбата било нагласено дека постигнатите важни резултати во зајакнувањето на независноста на судството, донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и конечните пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, дополнително се подобриле и како такви се констатирани и во годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија.
„Северна Македонија ќе ги засили своите напори и ќе донесе понатамошни опипливи и одржливи резултати во клучните реформски области, особено во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против организираниот криминал и корупцијата“, рекол премиерот.
Заев истакнал и дека Владата е посветена на спроведување на обврските од Договорот од Преспа и од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и дека сите преостанати прашања ќе се затворат низ билатерални средби и во пријателска атмосфера.
Мишел на онлајн средбата потсетил дека еден од неговите први приоритети кога го презеде мандатот во ЕС, беше интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, и во таа насока високо ја оценил посветеноста Влада и на граѓаните на Северна Македонија во остварувањето европските стандарди во сите области, вклучувајќи го и усогласувањето на националните надворешни политики со оние на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

