Македонија
Заев на Тиранскиот економски форум: Никогаш нема да разговараме за она за што не може да се разговара
Европската Унија да ги исполни ветувањата за Западен Балкан, порача претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска учествуваше на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“, кој заради пандемијата со Ковид-19 се одржа онлајн.
Заев рече дека Македонија била првата земја од регионот која го потпишала Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година. Само 4 години подоцна стана и земја кандидат на членство во ЕУ, а веќе во 2009 ја доби и првата позитивна препорака за отпочнување на преговори со ЕУ. Сепак, 16 години подоцна, сè уште сме во чекалната на ЕУ, вели Заев.
Премиерот истакна дека неговата задача е да носи тешки и храбри одлуки, во интерес на граѓаните. Затоа, пред 4 години беа отворени најгорливите дипломатски прашања со нашите соседи и затворени во духот на добрососедството, современата мултилатерална политика и желбата за обединет регион кој просперира храбро напред.
Заев вели дека Северна Македонија е крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања, но политичкиот екосистем е ранлив бидејќи граѓаните не може да продолжат да живеат само со идеја, туку неопходна е храбра политичка акција.
„Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, порача Заев.
Тој им се заблагодари на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои се активен дел од процесот, посебно околу помошта која ни била дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме поради кризата со Ковид-19.
Заев истакна дека Владата ред три дена го усвои планот: „Европа дома“. Со овој план, рече Заев, ние јасно и гласно декларираме што оваа Влада ќе прави во однос на евроинтеграциите и процесите кои истата ги носи.
„Независно од расположението во соседството или во Брисел, ние сме посветени на доброто на нашите граѓани. Ги земаме најдобрите европски практики и ги вткајуваме во националното ткиво“, рече Заев.
Премиерот повтори дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи.
На панелот учествуваа и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Од Обвинителството додаваат дека дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

