Македонија
Заев: Првата заедничка седница со косовската влада е потврда на одличните пријателски односи

Премиерот Зоран Заев ја отвори заедничката седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Косово со уште едно добредојде до премиерот Албин Курти, кој денеска ја предводи владата од Приштина во работната посета на Скопје.
Првата заедничка седница на двете влади, истакна премиерот Заев, е уште една потврда на одличните пријателски односи, за тесната соработка, за постојаното надградување на заемните интереси и за споделувањето на заеднички определби за Западен Балкан како регион на траен мир и целосно интегриран во ЕУ и НАТО.
„Убеден сум дека од седницата ќе произлезат повеќе проекти кои ќе овозможат поблиска соработка меѓу владите и надлежните министерства и институции, а сè во интерес на нашите граѓани. Има уште многу можности пред нас. Нè поврзуваат многу заеднички интереси, па така и нашите економии се насочени една кон друга“, истакна премиерот Заев во своите воведни зборови на заедничката седница.
Заев нагласи дека на оваа заедничка седница во прв план се ставени договорите и меморандумите за инфраструктурното поврзување на двете земји со цел да ја олесниме и унапредиме економската соработка и комуникација, како и оние кои опфаќаат меѓугранични проекти со поддршка на ИПА-програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и други.
„Нашите две држави не се големи по територија и по тоа сме слични. Но, ние сме слични и во нашите големи амбиции и потенцијали. Република Северна Македонија е подготвена да ги сподели со Република Косово искуствата од нашата интеграција во НАТО на вашиот пат до членство во алијансата. Заедно чекориме на патот и кон целосна интеграција во ЕУ. Ние очекуваме наскоро да ги почнеме преговорите со ЕУ по поглавја и во иднина ќе можеме уште потесно да соработуваме и на ова поле“, потенцираше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
Претседателот на Владата на Република Косово, Албин Курти, изрази сочувство до жртвите од несреќата во модуларната болница во Тетово и до сите жртви од пандемијата Ковид-19.
„Краток поглед низ страниците на историјата, може да се најде на едно место и Скопје и Приштина, и Призрен и Тетово, и дека нашите земји споделуваат многу работи една со друга, бидејќи нашата историја е полна со настани коишто неразделно ја одредија нашата судбина“, рече премиерот Курти.
За премиерот Курти оваа прва седница е израз на волја да се одбележи поинтензивна фаза на меѓусебна соработка, но и израз на благодарност за нашите добрососедски односи.
„Патот на двете наши држави, но и на другите држави во регионот е тој на соработка, вклученост и меѓусебно почитување, каде што не се пазиме едни од други бидејќи знаеме дека нашите судбини и судбините на нашите граѓани се поврзани и нашата иднина е заедничка“, рече Курти.
Првиот вицепремиер, Артан Груби, ја сподели оценката дека заедничката седница на двете влади е историски настан и се заблагодари за енергијата на сите кои беа вклучени во подготовката на заедничката седница на двете влади.
„Отворена е уште една врата за унапредување на соработката во многу области“, истакна вицепремиерот Груби и додаде дека енергијата во организацијата на оваа заедничка седница ќе се пренесе и во имплементацијата на меморандумите и договорите што денеска се потпишуваат.
Косовскиот прв вицепремиер Бесник Бислими се заблагодари за срдечниот пречек и за можноста на заедничката седница да се споделат искуствата на двете земји во процесот за интегрирање во ЕУ. Тој истакна дека почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ ќе биде успех и за Република Косово затоа што до себе ќе има сосед кој може многу да помогне во аспирациите на Република Косово за членство во Европската Унија.
Во натамошниот тек на седницата се вклучија и останатите вицепремиери и министри во двете влади кои разговараа за економската соработка, за соработката во борбата против организираниот криминал и корупцијата, во заедничкото справување со природните катастрофи.
На заедничката седница беа соопштени и заеднички иницијативи во заштитата на животната средина, за соработка на проекти за рурален развој и во земјоделството, за правна помош во граѓанските постапки, меѓуграничната и за соработката на проекти за поддршка на Северна Македонија и Косово на патот кон членството во ЕУ.
Во завршницата на заедничката седница премиерот Заев изрази уверување дека во наредниот период министрите на двете влади ќе бидат посветени на имплементација на задачите кои произлегуваат од документите што денеска се потпишаа и дека тоа ќе даде импулс и за развој на соработката и во многу други полиња во иднина.
„Нашата блиска соработка само може да ги охрабри другите партнери од регионот и од ЕУ да соработуваат со нас уште повеќе и уште подобро. Ние покажуваме дека сме одговорни влади, за кои на прво место е интересот на граѓанинот за подобар живот“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија на заедничката седница со Владата на Република Косово.
Во церемонијалниот дел на седницата денеска премиерите на двете влади и ресорните министри ги потпишаа Меморандумите за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за физибилити студијата за патот Призрен – Тетово и за рехабилитирање на тампон-зоната Блаце помеѓу двете гранични објекти на двете држави, Договор за соработка во областа на дијаспората, Договор за статусот на припадниците на вооружените сили на Република Северна Македонија и Безбедносните сили на Република Косово (СОФА), Протокол за имплементационен договор за спроведување на Спогодбата помеѓу Владата на Северна Република Македонија и Владата на Република Косово за гранично регулирање на железничкиот сообраќај, Меморандум за соработка во Енергетскиот сектор, Договор за соработка во областа на туризмот, Меморандум за соработка во областа на иновациите и технолошкиот развој и претприемништво, Договор за партнерство меѓу Република Косово, претставено од Министерството администрација за локална самоуправа како партнер-лидер и Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за локална самоуправа како партнер за управување со грант-договорот за техничка помош 2019/410-322, под програмата ИПА Косово – Северна Македонија 2014/2020, Меморандум за соработка меѓу Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија и Министерството за регионален развој на Република Косово, и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.