Македонија
Заев се сретна со високите европски претставници Пападимулис, Ферxофштад и Шулц
Заев се сретна со високите европски претставници Пападимулис, Ферxофштад и Шулц: Заедничка поддршка за позитивна одлука во октомври
Премиерот Зоран Заев за време на конференцијата Самит на Западен Балкан – „Зацврстување на моментумот за европска интеграција”, во организација на влијателниот магазин „Економист“ оствари неколку билатерални средби со учесниците Димитрос Пападимулис, заменик-претседател на Европскиот парламент, Ги Ферхофштад, пратеник во Европскиот парламент, член на групата Renew Europe (Обнови ја Европа) во ЕП и поранешен премиер на Белгија и Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент и поранешен лидер на Социјалдемократската партија на Германија.

На поединечните средби се изразени јасни пораки на поддршка дека Република Северна Македонија заслужува и треба да добие позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври, кога нашата држава очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ.
На средбата на премиерот Заев со заменик-претседателот на Европскиот парламент, Пападимулис, констатирано е дека нашата држава направи големи чекори во решенијата на билатералните прашања со соседите и во домашните реформи и дека никој не би можел да оди против тие резултати. Оценето е дека нашата држава секоја година е сè подобра во реализацијата на реформите и дека тој напредок е видлив и во следниот период треба да биде уште повидлив за Европа.
На средбата на премиерот Заев со пратеникот во Европскиот парламент, член на групата Renew Europe (Обнови ја Европа) во ЕП и поранешен премиер на Белгија, Ферхофштад, пренесена е силна поддршка од новоформираната група на либерали во Европскиот парламент којашто јасно ги изразува очекувањата да бидат вреднувани постигнувањата на Република Северна Македонија и препорачува отворање преговори со нашата држава. Оценката е дека ваквиот исход од октомврискиот Совет на ЕУ ќе биде добра мотивација и за напредок на регионот.
На состанокот на премиерот Заев со поранешниот претседател на Европскиот парламент и поранешен лидер на Социјалдемократската партија на Германија, Шулц, е посебно нагласена потребата од позитивна одлука во октомври од страна на Советот на ЕУ за европските перспективи на нашата држава, бидејќи тоа е добро и за Европа, којашто има потреба од стабилност и реафирмирање на европските вредности. Констатирано е дека Европа мора да возврати на искрените политики на дијалог што донесоа решенија на големи прашања, како што беше билатералното прашање со Република Грција бидејќи тоа е позитивна порака и за целиот регион.
Како што соопшти Владата, Заев на сите три состаноци се заблагодарил на високите европски претставници за изразените заложби за европскиот напредок на земјава и изразил благодарност за континуираната недвосмислена поддршка што доаѓа од Европскиот парламент.
„Ние сме добар пример на држава којашто носи храбри одлуки на решенија, којашто покажува на дело почитување на европските вредности како што се дијалогот, транспарентноста, слободата, демократијата и ќе бидеме само од помош на регионот и на Европа. Посветени сме на политики за нови инвеститори, раст на платите, социјални бенефити, враќање на парите кон граѓаните, а економските можности во голем дел се резултат на отворените перспективи за полноправно членство во НАТО, што го очекуваме на крајот на оваа или почетокот на следната година, како и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ. Потребна ни е чиста, позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври, за да продолжиме да ја развиваме државата и да придонесуваме во развојот на регионот и на Европа”, рече меѓу другото, премиерот Заев во разговорите на билатералните средби со претставниците од Европа Шулц, Ферхофштад и Пападимулис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

