Македонија
Заев-Тимоние: Добро е да дадеме дополнителен аргумент пред ЕУ со усвојувањето на Законот за Јавно обвинителство
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние.
На средбата беше разговарано на повеќе актуелни теми, како процесот на интеграција во ЕУ, спроведувањето на реформите, но и актуелната политичка ситуација и работата на преодната Влада задолжена за организирање на предвремените парламентарни избори во април.
„Пораките што овие денови стигнаа од претставници на Европската Унија покажуваат дека Европската комисија има план и тоа ни го враќа оптимизмот. Се надеваме дека новата методологија ќе биде изготвена наскоро и ќе понуди фер пристап како за нас, така и за ЕУ. Од друга страна, за нас како држава е добро да дадеме дополнителни аргументи пред ЕУ преку усвојување на Законот за Јавно обвинителство. Важно е да покажеме демократски капацитет и Законот да влезе во Собранието и да биде усвоен. Законот за Јавно обвинителство е важен за правосудството и за државата“, порача Заев.
Осврнувајќи се на темите поврзани со изборите, Заев истакна дека сега кога опозицијата има претставници во Владата, потребно е сите да преземат одговорност не само за организирање фер и демократски избори, туку и да настапуваат проективно со цел граѓаните што помасовно да го искористат своето избирачко право.
„Преодната влада покрај тоа што треба да организира фер, слободни и демократски избори, треба да ја продолжи реализацијата на политиките и мерките што носат придобивки за граѓаните“, заклучи Заев.
Тој исто така посочи дека СДСМ е подготвен за избори, дека финишира подготовката на изборната програма која СДСМ ја пишува заедно со целни групи, со стручна јавност, со синдикати и стопански комори.
Францускиот амбасадор Тимоние истакна уверување дека ЕУ ќе подготви нова методологија која ќе биде во интерес на земјите кандидатки за членство во Унијата и Северна Македонија ќе продолжи со процесот на интеграција. Амбасадорот Тимоние го поздрави напредокот на Северна Македонија додавајќи дека сè уште има простор за напредок во реформите, а за тоа е потребно и носењето на Законот за Јавно обвинителство, како и зајакнување на борбата против криминалот и високата корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

