Македонија
Заедничка акција за правосуден систем по мерка на секое дете
На панел-дискусијата Правда по мерка на секое дете, министрите за правда, за внатрешни работи и за труд и социјална политика, заедно со Делегацијата на Европската Унија и УНИЦЕФ, ја започнаа заедничката акција за поддршка на правосуден систем по мерка на децата.
Врз основа на правичен пристап до правда за сите деца, без оглед дали се престапници, жртви или сведоци, целта на оваа заедничка акција е да се поддржат законско-политичките реформи, јакнењето на капацитетите, развивањето мерки алтернативни на притворот и гарантирање пристап на децата до правда, преку адаптирање на правосудниот систем и системот за социјална заштита кон детските права и потреби. Иако земјата оствари напредок во унапредувањето на детските права и на системот на правда за децата, потребни се повеќе напори за поддршка на ранливите и маргинализираните семејства и децата во ризик, со посебен фокус врз заштитата на децата жртви и сведоци на криминал и врз обезбедување пристап до информации за нивните права.
Еден од принципите на правосудниот систем по мерка на децата, којшто претставува дел од оваа заедничка акција, е мерката притвор да се разгледува како краен избор, префрлајќи го фокусот кон давање поддршка на децата во судир со законот и нивна реинтеграција. На овој начин, момчињата и девојчињата во правосудниот систем добиваат дополнителна поддршка за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во општеството, врз основа на индивидуалните потреби и можат да продолжат со редовното образование и животот во заедницата.
„Системот за малолетничка правда треба да се темели на зацелување, учење и закрепнување, а не на казнување. Како возрасни, ние знаеме што е исправно, а што погрешно, но на децата им треба менторство и насочување и може да дојдат во контакт со законот кога немаат позитивно менторство и насока“, рече Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ.
„Кога децата стапуваат во контакт со правосудниот или системот на детска заштита, ние мора да обезбедиме тој контакт да се одвива со почит кон нивните права и нивното достоинство, а одлуките и пресудите да се потпираат на правата и да бидат сочувствителни и јасни. Ние мора да имаме за цел да обезбедиме контактот на детето со тие системи да претставува можност, а не закана. Таквиот контакт мора да претставува точка на позитивен пресврт за децата, дури и кога тие се во судир со законот. Европската Унија е цврсто посветена на унапредување на правата на децата за да придонесе кон подобрување на политиките и практиките во земјата за да не заостане ниедно дете“, рече Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија.
Стручњаците и практичарите за малолетничка правда и социјална заштита кои учествуваа на панел-дискусијата зборуваа за тоа како да се заштити најдобриот интерес на децата во секоја фаза од постапката; и како да се унапредат знаењата и вештините на сите професионалци кои работат со деца во контакт со законот за да се минимализираат траумите и ризикот од виктимизација.
„Институциите мора да бидат подготвени да превенираат секундарна виктимизација на децата во судир со законот, бидејќи често овие деца се доволно истрауматизирани во животот. Потребна е континуирана едукација и јакнење на специјализацијата на субјектите во системот на правда за децата, а тоа е една од главните цели на новиот Закон за правда на децата“, рече министерот за правда Бојан Маричиќ. „Воедно, во најголем број случаи субјетките во системот на правда за децата применуваат мерки кои не вклучуваат лишување од слобода на децата што кореспондира со Законот за правда на децата“.
„Полицијата, која е највидлив дел од државната управа, има должност и обврска на сите деца во ризик, во судир со законот, како и деца жртви на кривични дела да им пружи посебна заштита и поддршка и со нив да постапува со посебно внимание во согласност со нивните права кои се меѓусебно зависни и испреплетени. Поради тоа, при постапувањето на полицијата како императив се наметнува прифаќањето и доследната примена на водечките принципи на правда за децата“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
„Социјалната реформа, што ја започнавме 2019 година, предвидува нов облик на работа со семејствата во социјален ризик, вклучително и децата, case management, односно водење на случај. Водењето на случај подразбира вклучување професионални стручни работници од ЦСР кои треба да одговорат на индивидуалните потреби на секое дете посебно“, изјави Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.
Двегодишната иницијатива „ Just(ice) children – ЕУ за малолетничка правда по мерка на децата“, финансирана од Делегација на Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ, ќе ги поддржи напорите на Владата за реформи со кои ќе се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на децата кои доаѓаат во контакт со законот. Со неа се надополнува заложбата што Владата ја даде со официјалното приклучување кон Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата обврзувајќи се да преземе конкретни активности за постепено ставање крај на насилството врз децата до 2022 година. УНИЦЕФ го поддржува овој процес на земјата да изгради сеопфатен систем за детска заштита со кој ќе се спречат и ќе се реагира на сите форми на насилство врз децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

