Македонија
Законот за попис во собраниска процедура
Комисијата за европски прашања на Собранието денеска расправаше по предлогот на законот за попис, во прво читање.
Претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, истакна дека станува збор за важен закон со кој ќе се овозможи попис на населението, домаќинствата и становите во периодот од 1 до 21 април 2021 година имајќи предвид дека последниот попис во земјата беше спроведен во 2002 година, а пописот во 2011 година не беше реализиран.
„Како држава членка на ООН обврзани сме да спроведеме попис, кој ќе биде во согласност со донесените меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од страна на Економската комисија за Европа на Обединетите нации и на Евростат“, рече Адеми.
Во расправата учествуваа пратениците Халил Снопче, Дафина Стојаноска, Жаклина Пешевска, Зеќир Рамчиловиќ, Кастриот Реџепи, Мирче Аџиоски, Марија Петрушевска, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Лидија Петкоска.
Во нивните дискусии заедничка беше констатацијата дека на државата ѝ треба добар и квалитетен закон за попис поради што беа најавени амандмани за подобрување и прецизирање на одредбите во предлог-законот кога тој ќе биде во собраниска процедура во второ читање.
Исто така, се укажа на важноста на одредбите во Методологијата за спроведување на пописот, која во согласност со законот, ќе треба да биде донесена на транспарентен начин. Државниот завод за статистика во фазата на подготовка за спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите, ќе треба да направи темелна процена на моментната состојба во Државниот завод за планирањето и можната употреба на административните извори за собирање податоци од пописот.
Во тој контекст се нагласи дека Државниот завод за статистика, како носител на целиот процес за пописот, треба стручно и компетентно да се ја заврши работата, со цел да нема никакви сомневања во веродостојноста на оваа статистичка и важна операција. Се истакна дека процесот е технички, но и политички, поради што треба да биде донесен заеднички, и од позицијата и од опозицијата во Собранието.
Врз основа на расправата Комисијата заклучи предлог-законот за попис да го проследи на натамошна собраниска постапка за што гласаа членовите на Комисијата и од позицијата и од опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

