Македонија
Започнаа подготовките за тестирањето за Меѓународната студија ПИРЛС за оспособеноста на учениците за читање

Со вебинари на коишто учествуваат наставници коишто држат настава на ученици од четврто одделение и директори од сите училишта во државата, Министерството за образование и наука ги започна подготовките за претстојното тестирање за Меѓународната студија ПИРЛС 2021 година.
Со оваа меѓународна студија се проверува оспособеноста на учениците од 9 до 10-годишна возраст за читање со разбирање, а Република Северна Македонија во тестирањето ќе учествува заедно со околу 50 држави од целиот свет.
Подготовките ќе траат до стартувањето на тестирањето и во истите се вклучени Бирото за развој на образование и Државниот испитен центар.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, им посака успешна обука на наставниците и директорите, посочувајќи дека тие се најважната алка во постигнувањето на добрите резултати на тестирањата.
„Подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на ефикасноста на образованието според современите светски образовни стандарди се клучни цели на нашата образовна политика. За таа цел ја организираме и оваа обука којашто треба да ни ги подобри резултатите на претстојните тестирања за Меѓународната студија. За резултатите од тестирањата да станат наша национална гордост е потребна огромна посветеност и работа од сите нас. Затоа наставниците и начинот на којшто тие ќе го пренесат знаењето на децата ни се клучни во овој процес и во резултатите коишто ќе ги постигнеме идната година“, рече Царовска.
Меѓународното оценување, како дел од концепцијата што ќе го поддржи државното тестирање, опфаќа студии за оценување од големи размери во која учествуваат голем број земји. Една од целите на ваквите студии е да се обезбедат податоци што можат да се користат за да се направат меѓународни споредби во однос на постигањата на учениците. Ова тестирање опфаќа прашалници за ученици, родители, наставници и директори и се добиваат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието влијаат врз постигањата на учениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.