Македонија
Започна полагањето на државната матура во учебната 2021-2022 година
По идентичен концепт како и минатата година, денеска започна полагањето на државната матура за учебната 2021-2022. Речиси 16 илјади ученици го полагаат првиот од двата предвидени екстерни предмети – мајчин јазик, откако претходно ги полагаа двата интерни предмети и изработија проектна задача. Проширување има само на листата со интерни предмети за учениците од средното стручно образование поради тоа што годинава се воведени нови образовни профили. Почетокот на процесот го означија министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска кои го посетија СУГС „Панче Караѓозов“ и им посакаа успех на сите матуранти.
„Денеска започнува полагањето на државната матура како чин на формализација и заокружување на средното образование. На сите ученици им посакувам успех и одлични резултати кои ќе бидат потврда на стекнатото знаење за време на четиригодишното средно образование кое понатаму ќе го применуваат при работата на соодветно работно место доколку се одлучат веднаш по средното училиште да се вклучат на пазарот на трудот или пак, ќе им биде добра основа за понатамошна академска надградба“, рече министерот Шаќири.
Тој изрази очекувања дека полагањето ќе помине во најдобар ред, затоа што, како што истакна процесот на сите им е добро познат, имајќи предвид дека државната матура се спроведува од 2007 година и секогаш, во секоја учебна година подготвителните активности започнуваат навремено, а учениците се запознаени со тоа што ќе биде материја за полагање.
„Оваа година, како што знаете имавме период во кој наставата не се реализираше, тоа беше во месец април вкупно 12 наставни денови, поради што нема прашања од материјалот што требаше да се предава во тој период, со што се елиминира ризикот дека некој ученик би можел да биде оштетен“, потенцираше министерот.
Шаќири информираше дека Државниот испитен центар кој е институција надлежна за спроведување на државната матура, заедно со МОН преку јавна дебата ќе креираат нова концепција за државна матура која треба да предвиди три вида на државна матура, зависно од видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко. Овој процес ќе биде транспарентен и со учество на сите засегнати страни, а првенствено учениците, раководствата и наставниците од средните училишта, експертската јавност и претставници на академската фела.
Успех во полагањето на матурантите им посака и директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска.
Таа рече дека оваа учебна година за државната матура се имаат пријавено точно 15899 матуранти. Од нив 7135 од гимназиско образование, 8504 од средно стручно образование и 260 од средно уметничко образование. Македонски јазик и литература полагаат 11071 кандидат, албански јазик и литература 4306, а 313 турски јазик и литература.
Информираше и дека следното полагање е на 13 јуни. Ќе се полага англиски, германски, француски и руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 14328 матуранти, германски јазик 118, француски јазик 31, руски јазик 10, математика 1235, филозофија 15 и естетика 100 матуранти.
Резултатите се објавуваат најдоцна 30 дена од последниот екстерен испит, односно до 12 јули.
Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

