Македонија
Почнуваат со работа мобилните екипи, пасоши ќе се издаваат и во конзулатите
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на посебна средба со вработените дипломати и конзуларни референти, кои се членови на мобилните екипи за патни исправи, за лично да им ги врачи решенијата со кои тие итно се упатуваат во државно-конзуларните претставништва. Нивната мисија ќе биде реализацијата на акцискиот план за 2020 година, кој делумно беше пасивизиран поради појавата на светската пандемија.
„Нашите државјани во странство се наоѓаа во тешка ситуација подолго време поради недостиг на легални документи, ваша задача е да вложите и дополнителен напор со цел за време на вашите посети на конзуларните претставништва да дојдете и до последниот граѓанин што има потреба од нашите конзуларни услуги“, посочи Османи на средбата.
Министерството за надворешни работи ќе продолжи со напорите за да се усогласи со наложените мерки и услови од страна на државите што се потребни за непречено и ефикасно функционирање на мобилните екипи, кои од 2 октомври до 9 ноември оваа година почнуваат со реализација на акцискиот план. Екипите почнуваат со посета на Загреб, Виена и на Минхен, а потоа, според распоредот, се упатуваат и во другите центри каде што има потреба. Во однос на точниот редослед на услуги од мобилните екипи, сите граѓани што аплицирале за издавање патна исправа, ќе бидат известени од страна на нашите ДКП.
За начинот на реализацијата и термините за тековната година, како и државите во кои е предвидена оваа активност, македонските државјани повеќе информации може да добијат на страницата на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Остро го осудуваме вооружениот напад врз нашиот кандидат во Куманово

Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега, велат од ДУИ по денешното пукање што се случи во Куманово во кое беше повредено едно лице.
„Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, велат од партијата.
Од ДУИ упатија апел до нивните поддржувачи, симпатизери и граѓани воопшто да останат смирени, да не подлегнуваат на провокации.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, нашата партија одлучи да ги прекине сите денешни активности, a институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот“, соопштија од партијата.
По пукањето пристигна и реакција на коалицијата ВЛЕН.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекрија Шаини. Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот. Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“ добија 22,6 милиони денари од државата

Владата на денешната седница ја усвои одлуката за доделување финансиски средства на двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на доделувањето на средствата е зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.
Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“, и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.
„Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2“, соопштија од Министерството.
Македонија
Нема индиции на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово, соопштија од Јавното обвинителсто.
„Во однос на настанот на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се наведува во соопштението.
Во престрелката што се случи попладнево повреден е 43-годишник З. Ш. од Слупчане, Липково. Мажот бил застрелан од лица во движење кои пукале кон возилото кое го управувал.