Македонија
Засадени над 15 илјади садници на повеќе локации во Скопје
Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ во есенското раззеленување на Скопје и уредување нови зелени површини, засадија над 15.000 висококвалитени садници на повеќе локации во сите скопски општини. Град Скопје согласно со новите стандарди на квалитет продолжи со подигнување нови дрвореди со квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри коишто веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот.

Со висококвалитетни листопадни и зимзелени дрвја, како и декоративни садници, разубавени се градските булевари и улици (8 Септември, Х.Т Карпош, Босна и Херцеговина, АСНОМ, Никола Карев, Илинден, Втора македонска бригада, Февруарски поход, Трета македонска бригада, Гоце Делчев, 11 Октомври, Кружниот тек во Чаир и други).

Значајно е да се нагласи дека нови квалитетни дрвореди се засадени во новите паркови во Мичурин и во Кисела Вода, простори што беа повеќедецениски диви депонии.

Есенското раззеленување периодов се одвива секојдневно низ цело Скопје, со голема разлика во квалитетот на дрвјата во споредба со минатото. Како дел од акцијата се подигнуваат нови дрвореди и се дополнуваат постоечките во градските паркови, се обновува средишното булеварско зеленило, а се уредуваат и нови зелени површини, како и мали зелени плоштади, а некогашните депонии стануваат паркови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels
Македонија
СДСМ: „Златната виза“ не е злато, туку налепница во пасош
Опозициската СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како измислени вести и дефокус од главните теми.
Од СДСМ наведуваат дека визата претставува службен документ издаден од држава, кој овозможува влез, престој или транзит, најчесто во форма на печат или налепница во пасош, и дека секој граѓанин може да ги провери условите за визи на веб-страниците на надлежните амбасади.
„Со ова ја затвораме оваа бесмислена тема од кујната на ВМРО“, соопштија од СДСМ, додавајќи дека д-р Венко Филипче работи како доктор и не се занимава со градење згради, ниту со изградба на 42-катница во Дубаи со Зоран Заев, кој, како што наведуваат, веќе пет години е во политичка пензија.
„Откако утврдивме дека „златната виза“ не е злато, туку хартија во пасош, сакаме да им порачаме на граѓаните на Македонија дека токму поради вакви работи не сакаме да одговараме на лажните вести и измислените глупости на ВМРО, бидејќи тие служат за дефокус од главните теми, како што е прашањето за „мигранти за пари“ и криминалните тендери“, велат од СДСМ.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведоа дека Филипче, во свое појавување пред медиумите, рекол оти не бил бизнис-партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи, но со тоа, според нив, потврдил дека Заев таму гради зграда висока 42 ката.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања за тоа како Филипче дошол до „златна виза“ за Дубаи, тврдејќи дека претходно објаснувал оти ја стекнал поради наводен работен ангажман и преговори со тамошна болница, за кои, како што велат, досега не презентирал документи.
Партијата побара Филипче да одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали „златната виза“ е поврзана со инвестиција од најмалку 500.000 долари, како и од каде потекнуваат тие средства.

