Македонија
Засадени 8 магнолии во Битола

Битола станува град на магнолиите. А инспирација може да биде славната магнолија на семејството Иконому која беше засадена во познатата историска куќа на ова семејство. Со овој мотив, финтек компанијата МИНТ денес ја реализираше својата традиционална акција со засадување на 8 магнолии во градот Битола каде е лоцирана нејзината централа, број кој е идентичен со бројот на постоење на комапнијата. Поддршката е дадена на ЈК “Комуналец“, а идејата е секоја година да се засадуваат садници магнолии, со цел градот да се препознава по овие убави мали раскошни дрва. Минатата година 12 магнолии беа засадени во паркот околу Градскиот часовник, а 3 во паркот пред комплексот Грозд. Годинава сите садници беа засадени во новиот парк Довлеџик.
„Битола е и град кој има плоштад кој го носи името “Магнолија“. Име кое не е случајно, туку го добива по дрвото кое во минатото го имало во дворот на познатиот битолски трговец Иконому, чија куќа централно поставена на овој плоштад е прекрасен пример на старата битолска архитектура и во која на преминот помеѓу 19 и 20 век бил сместен конзулатот на Австроунгарија. Кога ја планиравме акцијата, наидовме на интересни факти дека според народните верувања магнолијата засадена пред куќата привлекувала задоволство и мир, а зад куќата привлекува богатство и финансиски просперитет. Затоа ја засадил Иконому. Дрвото магнолија пред некоја деценија повторно го има пред левата страна од скалите на објектот на Иконому и дава симболика на ова место како некогаш. Нашата идеја е целиот комплекс на паркот околу плоштадот и на други места низ градот од оваа година, па натаму да садиме магнолии, истакна од Минт Финтек Групација, во која вледуваат компаниите Минт Кредит, МинтИнс, Минт Травел, и Минт Бонус.
Инаку, магнолијата го добила името во чест на францускиот ботаничар Пјер Магнол, а дрвата живеат до 100 години.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.