Македонија
Затекнавме многу проблеми, но за четири месеци ги зголемивме платите и обезбедивме учебници, рече министерката Јаневска
Новата Влада затекна многу проблеми во образованието, но со силни напори за кратко време успеавме да направиме многу добри работи, од кои треба да се нагласат зголемувањето на платите на наставниците, обезбедените учебници пред почетокот на учебната година, вложувањата во 36 големи реконструкции и 36 помали санации на инфраструктурни објекти, како и континуираните средби со граѓански, претежно младински организации, што резултира со неколку експресно прифатени барања на студентите.
Ова го одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на прашањето за приоритетите во изминатите 4 месеци на платформата „100 отсто посветени за тебе“ на тема „Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“, што денес се одржа во Владата.
„Ова покачување на платите на наставниците претставува сериозен придонес кон она што постојано го велиме: дека образованието е еден од приоритетите на оваа Влада затоа што продуктот што образованието го дава претставува чувар на државата. Не само што овозможивме да се одвојат средства за покачување на платите туку со СОНК успеавме да направиме повеќегодишен договор за наставниците да се чувствуваат сигурни, да не зависат од моментната состојба, туку да знаат дека во следните 4 години загарантирано им е покачувањето на платите од најмалку 46 отсто“, рече министерката Јаневска.
Во Министерството за образование и наука се подготвува стратешки документ во кој ќе има јасно дефинирани цели за долгорочен развој на квалитетот на образованието и насоки за остварување на овие цели.
„Идејата е овој документ да биде на јавна расправа, а потоа да се донесе во Собранието, за во иднина кој министер и да дојде да знае по која патека ќе се движи образованието“, објасни министерката Јаневска додавајќи дека врз основа на овој документ потоа ќе се изготви и следната стратегија за образование, во која подетаљно ќе бидат објаснети целите од декларацијата.
Одговарајќи на новинарско прашање за недостигот на учебници во општина Тетово, министерката посочи дека се обезбедени сите учебници што биле одобрени, а не биле испечатени во минатото и исто така се дистрибуирани сите што биле побарани од училиштата. Напомена дека директорите не пријавувале оштетени учебници сакајќи да ги заштитат родителите, кои, според законот, треба да се платат отштета во висина од 75 отсто од цената на учебникот.
„Колку учебници биле нарачани, толку биле дистрибуирани. Побарани беа учебници за предметите физичко воспитување, ликовно и музичко образование, а тие не се предвидени со концепцијата за основното образование“, одговори Јаневска.
Набргу, рече Јаневска, ќе се донесе нов закон за учебници по што ќе следува и донесувањето на подзаконските акти, носење нови концепции, како и нови учебници.
„Кога ќе се донесе ова законско решение, ќе се разграничи што е учебник, а што материјал за учење“, рече Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

