Македонија
Затуроска: СДСМ носи закони по скратена постапка за да избегне дебата

Откако е почнат мандатот на оваа Влада и ова парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, како никогаш досега се злоупотребува и се користи процедурата скратена постапка со цел да се избегнат дебатите за законските решенија коишто се носат, изјави Лилјана Затуроска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Праксата што господинот Талат Џафери и СДСМ на секоја седница ја практикуваат со законите по скратена постапка ги надминува сите граници на толеранција којашто Деловникот ја овозможува. Ова премина во злоупотреба наместо во потреба. Иако, досега многу пати сме реагирале на ваквата злоупотреба на скратената постапка, гледаме дека парламентарното мнозинство продолжува со своето самоволие во Собранието на Република Македонија“, рече таа.
Граѓаните, додаде Затуровска, се сеќаваат дека додека СДСМ беа во опозиција ветуваа дека законите нема да се носат без претходни длабински дебати на кои ќе бидат слушнати повеќе аргументи и мислења и дека законите по скратена постапка ќе бидат сведени на минимум.
„Наспроти тоа, денес на 116. седница на Собранието како предлог на дневен ред од страна на Талат Џафети и парламентарното мнозинство од 24 точки, дури 13 се по скратена постапка. Нам ни е јасно дека СДСМ сака да избега од дебата и на мала врата да ги протне овие закони, што го покажува демократскиот капацитет на оваа парламентарно мнозинство и Влада. Тие константно работат на заобиколувањето на процедурите коишто едно законско решение треба да ги помине за да се донесат квалитетни закони коишто ќе бидат корисни за граѓаните на Република Македонија, а не неквалитетни и неиздржливи законски решенија какви што носи ова парламентарно мнозинство, а подоцна истите тие не даваат никаков резултат па мора драстично да се менуваат или стопираат како што беше во случајот со прогресивниот данок и низа други закони“, рече пратеничката од опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.