Македонија
Зајкова: Итно да се донесат измените на Законот за платежните услуги за да се прекине остварување профит врз грбот на граѓаните од страна на банките

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за платежните услуги и платните системи, по скратена постапка, кој на 12 јули го поднесоа пратениците на Либерално-демократска партија и Левицата, стои заглавен во рамките на 120-тата седница во Собранието и Комисијата за финансирање и буџет, вели претседателката од ЛДП, Моника Зајкова.
Во согласност со анализите во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период лани добивката на банките е зголемена дури 35,3 %. Зголемената добивка најмногу произлегува од растот на каматните нето-приходи, а извесен придонес има и зголемувањето на нето-приходите од провизии, се нотира во извештајот од анализата.
„Апелираме што е можно побргу да се разгледа овој закон за да ги заштитиме граѓаните што секојдневно ги користат услугите на банките. Сведоци сме на високите трошоци и провизии, како, на пример, за одобрување кредити, одржување сметки, провизиите за проверка на трансакциска сметка, па дури и повлекувањето пари од друга банка доколку не е од банката депонент на граѓаните“, посочува лидерката и пратеничка Зајкова.
Таа додава дека овој предлог-закон предвидува значително намалување или укинување на банкарските трошоци и провизии. На тој начин се намалуваат и месечните издатоци на граѓаните, со што се чекори поблиску кон поправедна финансиска средина за сите.
„Свесни сме дека иако овие прашања се дел од интерната политика на банките, сепак потребно е законска регулираност бидејќи станува збор за остварување огромен профит. Со предложениот закон не се обезбедува само финансиска праведност, туку и поправедно и урамнотежено општество во целост. Во нашиот стремеж за правична финансиска иднина за сите граѓани ги повикуваме и другите пратеници и партии да ја дадат својата поддршка на овој предлог-закон“, порачува Зајкова од ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсен убиецот кој вчера пукаше во Штип

Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено, информира ЈОРМ.
Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка.
Странски државјанин е убиен синоќа во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип. Во Клиничката болница во Штип тој е донесен без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни.
Македонија
„Пукање во кафич во Штип додека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ туркаат закон за либерализација на трговијата со оружје“, велат од партијата Левица

„Вчерашните страшни сцени со пукање во кафич во центарот на Штип дополнително ја вознемири јавноста, додека премиерот Мицкоски и министерот Тошковски на партиски настани говорат дека народот никогаш не бил побезбеден. Можеби владејачката елита се чувствува безбедно на нивните скапи патувања, додека граѓаните стравуваат од престрелки на јавни места, каде има висока френквенција на родители со деца“, велат од партијата Левица.
„Премиерот Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле.
Партијата Левица обелоденува уште еден скандалозен чекор на екстремно неспособната владејачка гарнитура – имено, до Собранието е доставен предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје!
Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице.
Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки.
Додека министерот Тошковски молчи за тендерите доделени на фирмата „Дон Холдинг” и манипулира со фактите на интервјуа во провладини медиуми – власта сака да протне законски измени кои се директен напад по јавната безбедност!
Партијата Левица јавно го прашува премиерот Мицкоски, кој очигледно продолжува да го штити катастрофалното работење на министерот за внатрешни работи: Дали паралелно се формира нова компанија за трговија со оружје (блиска до власта) која најмногу ќе има корист од либерализацијата на продажбата?!
Ја повикуваме и експертската јавност да се одважи за најавените измени за трговијата со оружје, со цел да се спречи носење на уште еден штетен закон кој дополнително ќе ја загрози и онака кревката безбедност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Целоснo e реконструиран стадионот „ССК“ во Драчево

По децениска запуштеност и негрижа, спортскиот стадион ССК во населбата Драчево, кој некогаш важеше за едно од главните спортски обележја на Кисела Вода, доби целосно нов лик. Со свечена церемонија, синоќа беше пуштен во употреба, благодарение на заложбите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и поддршката од Фудбалската федерација на Македонија, извести општина Кисела Вода.
Обновениот стадион нуди услови кои се во согласност со современите спортски стандарди. Станува збор за целосна реконструкција што опфаќа девет нови соблекувални, современа теретана, туш кабини, поставена е нова заштитна ограда по целата должина на објектот, а тревната подлога е комплетно санирана. Посебно значајно е и новото осветлување со рефлектори, кое овозможува користење на теренот и во вечерни услови – за тренинзи и официјални натпревари.
Оваа инвестиција значи враќање на животот на еден значаен спортски капацитет во општината, кој во минатото беше дом на многу успешни фудбалски имиња. Со реконструкцијата, ССК повторно станува центар за младите спортисти и фудбалери од Кисела Вода и пошироко, создавајќи услови за нивен развој и афирмација, велат од Општината.
„Заврши долгогодишната негрижа за овој спортски терен во Драчево кој во минатото беше едно од спортските одбележја на Кисела Вода. Вечерва, со свечена церемонија го пуштивме во употреба стадионот кој е белег на нашата општина и од кој во минатото се прославиле доста звучни имиња во македонскиот фудбал. Драго ми е што моите заложби за неопходните реконструктивни зафати на ,,ССК” вродија со плод и што наидовме на разбирање кај ФФМ за што сакам да изразам огромна благодарност, па спортистите сега повторно го добија овој простор за себе, но со услови кои се модерни и современи. Стадионот доби девет целосно нови соблекувални, нова теретана и туш кабини, нова ограда по целата должина, санација на тревната подлога, комплетно осветлување со нови рефлектори – што овозможува одлични услови за тренинг и за одржување на натпревари на фудбалскиот клуб ,,ССК”. Обновата на спортска инфраструктура е поставена високо во листата на моите приоритети како градоначалник и се трудам тоа да им го овозможам на моите граѓани на секој начин – преку инвестирање, преку градење, преку лобирање до надлежните во случај кога друга институција ги има ингеренциите, како што е овој случај. Силно верувам дека обновата на ССК ќе роди нови спортски ѕвезди, чии успеси сите ќе нѐ направат горди. Нека е со среќа“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.