Македонија
Заљуби се во безбедното возење
Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот! – е пораката со која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го честита празникот на љубовта и виното, Св. Валентин и Св.Трифун.
Живееме во непредвидливо време. Време на пандемија на Ковид 19 но и време на пандемија на сообраќајни незгоди во кои повеќе од 1.3 милиони луѓе во светот годишно го губат животот, а околу 50 милиони се потешко или полесно повредени.
„Св. Валентин или Св.Трифун е денот кога треба да размислите дали вреди да ги жртвувате сите убавини и радости кои ги носи животот само затоа што сакате да возите под дејство на алкохол, затоа што сакате да „беснеете“ по улиците, затоа што се срамите да ставите појас, затоа што сакате да се „сликате“ додека возите, затоа што сакате да се „покажете“ пред другите, затоа што возите без возачка дозвола. Лажат или не знаат тие кои што велат дека возат и се тркаат по улиците за да го подигнат адреналинот затоа што животот се живее само еднаш. Не, за жал само еднаш се умира, а животот, со сите негови убавини, се живее секој ден“, велат од РСБСП.
По повод празниците, Републичкиот совет уште еднаш потсетува: Не дозволувајте поради една лоша одлука или лоша навика да предизвикате сообраќајна незгода со која ќе го загрозите сопствениот живот или животот на некој друг. Последиците од сообраќајните незгоди се трајни и болат засекогаш. Младоста оправдува многу нешта, но не и загубите и болката предизвикана од сообраќајните незгоди.
РСБСП им го честита Св. Валентин и Св.Трифун на сите млади, на сите заљубени, на сите кои сакаат да прослават, кои веруваат во овие празници и кои ги почитуваат позитивните и убавите нешта во животот и ги повикува сите заеднички да го прославиме празникот на љубовта и виното со тоа што ќе испратиме емотивни и едукативни пораки и совети до своите најмили: Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот!; За нас и нашата љубов, раскини му на алкохолот и брзото возење!; Срце си што никогаш не возиш пијан. Среќен празник!; Во име на нашата љубов, биди внимателен секогаш кога седиш зад воланот!; За тие што ги сакаш, и тие што те сакаат, гушни го појасот и почитувај ги сообраќајните правила и прописи!
„Испратете некоја од наведените пораки до вашиот сакан/а. Можеби на тој начин ќе му го спасите неговиот живот или животот на некој друг“, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.
Македонија
„За две години зголемени плати на полициски службеници, социјални работници, на вработените во образование, здравство, јавен сектор“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ВМРО-ДПМНЕ на страната на работникот. Во опозиција со давање јавна и недвосмислена поддршка на синдикатите за барањата за зголемување на платите, додека од позиција на власт со договори за конкретно покачување на платите. Како што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржуваше синдикатите и работниците во опозиција кога протестираа во 2020 и 2024, така и сега, преку дијалог и разговори прави се во рамките на можностите платите да растат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Разликата е во тоа што ССМ од тогашната влада на СДС, во услови на двоцифрена инфлација, бараше линеарно покачување на платите во јавниот сектор од 2.806, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми за многу повеќе.
Со преземањето на власта, средбите со синдикатите се интензивираа и како резултат на тоа се спречија штетните политиките од претходната власт, се потпишаа колективни договори и се покачија платите секаде каде државата е работодавач.
Во период од околу две години, од преземањето на власта до денес, се потпишаа колективни договори во образование и здравство, каде што платите на сите вработени во основно и средно образование докрај на мандатот од 46% до 60%, вработените во високото образование добија покачување од најмалку 14%, додека здравствените работници ќе добијат од 40 до 50% повисоки плати.
За 10% се зголемија платите на полициските службеници, социјалните работници добија 20% повисоки плати, додека преку посебни колективни договори, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување.
Околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира системско покачување на платите за 40% до 2028 година.
Освен на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ покажа како се грижи за работниците и нивниот стандард и на локално ниво, така во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, во просек, платите на сите вработени се зголемени за околу 5.000 денари.
Во целост се испочитувани сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше во одбраната, културата и други институции и нема доцнење на плати како во времето на СДС и ДУИ, кога вработените со месеци беа без приходи.
Сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го бараше ССМ, а уште поважно до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето коешто сега го има Слободан Трендафилов.
Од друга страна, согласно закон во март годинава ќе се зголеми и минималната плата, а секое друго зголемување мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите и Владата како посредник.
Низ дијалог да се дојде до одржливо решение, прифатливо за сите вклучени страни, како за работодавачите, работниците, за буџетот и стопанството во целост.
Ултиматумите и блокадите на СДС не му служат на работникот, туку само на Трендафилов и малкумината околу него кои градат кариери и профитираат на грбот и маката на обичниот работник.
Владата ќе продолжи со својата заложбата и креирање политики за поголем економски раст кој ќе овозможи уште поголем раст на платите, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Со почит,
Македонија
Мицкоски да одговори кој бил со него во владиниот авион, бара СДСМ
Луксузирањето на Мицкоски врз грбот на граѓаните и летањето со владин авион на Јадранско море го покажа вистинското лице на премиерот и на неговата расипничка власт, обвинија од СДСМ.
„До толку се опиени од моќта и аздисаното грабање пари преку приватни бизниси и криминални тендери. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата, им кратат 40 милиони евра на земјоделците, 5 милиони евра во спортот, премиерот ужива со парите на народот, со владин авион на море. Со часовници од 60 илјади евра, и со владин авион, Мицкоски покажа дека е ист како Никола Груевски кој се луксузираше со очила од 60 илјади евра и мерцедес од 600 илјади евра. Додека недостасуваат милијарди во буџетот, додека храната, струјата и греењето се поскапени, Владата планира нови стотици милиони евра за авион – за нови туристички патувања на премиерот и министрите. Ова е врв на аздисаност и ароганција на една корумпирана и криминална власт“, велат од партијата.
Од СДСМ бараат Мицкоски да не се крие, да излезе пред граѓаните и да одговори колку ги чинеше граѓаните неговото лукзусно летање со авион и кој бил со него во владиниот авион?

