Македонија
За една година во новиот ургентен центар во кумановската болница извршени 50 илјади хируршки прегледи и интервенции
Во новиот ургентен хируршки центар сместен во кругот на Општа болница Куманово за една година од пуштањето во употреба кон крај на јули минатата година до денес се извршени 34.100 хируршки и 8.000 отропедски прегледи. Направени се и 7.600 преврски, имобилизации, како и други хируршки интервенции, посочува директорката на ОБ Куманово, д-р Снежана Захариева.
Комплетно новиот објект на ургентниот центар е со површина од 750 метри квадратни и овозможува над 200 илјади граѓани од североисточниот регион на едно место да добијат хируршки, ортопедски и анестезиолошки третман со современа медицинска опрема во амбулантите и во дневната болница.
Oд кумановската болницата посочуваат дека има добра екипираност на медицинскиот кадар. Посебно значајно е што неопходната здравствена услугата се обезбедува на едно место, што дава подобра можност за комуникација, консултација и решавање и на најтешките случаи. Во ургентниот центар се третираат пациентите кои доаѓаат со упат од матичен лекар, но и тие кои дошле за некоја ургентна или животозагрозувачка состојба.
„Продолжуваат инвестициите во кумановската болница, се чека новиот оперативен стол за офталмолошката сала, набавен е и тимпанометар за ОРЛ-одделот, обезбедени се и поголем број монитори, а се планира и преуредување на одделот за неврологија, каде ќе се набави и нов ЕЕГ-апарат со средства од болницата“, посочува директорката Захариева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ја претстави Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го претстави предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“, како петгодишен план за развој на соработката со претставниците од дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.
„Денес не претставуваме само документ. Денес ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава – конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите. Македонската дијаспора е најголемата, најсилната и најраспространетата мрежа што ја има нашата земја“, истакна Муцунски во своето обраќање.
„Ова не е Стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство: институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, дијаспората. Таа значи дека Владата ги слуша вашите потреби, предлози и критики. Оваа Стратегија значи дека државата се менува кон модерна, дигитална, достапна и доверлива администрација. Значи дека државата создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“, додаде тој.
Министерот Муцунски нагласи дека културата претставува најсилниот дипломат на државата, бидејќи ја пренесува нејзината душа и идентитет, кој продолжува да живее и преку дијаспората. Тој посочи дека институционалната поддршка за културата, образованието и јазикот е клучна, бидејќи токму јазикот и знаењето се корените што ја чуваат нашата посебност во глобализираниот свет.
Дополнително, истакна дека Стратегијата ја зајакнува националната самобитност и преку развојот на спортот и спортската дипломатија, чии успеси допираат до милиони. Притоа, подвлече дека со инклузивниот пристап при изработката на документот, државата ја гради заедно со сите граѓани, без разлика дали живеат во земјата или во странство, гледајќи на дијаспората не како на „заминати“, туку како мостови на соработка, амбасадори и партнери.
Покрај министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на јавната дебата се обратија и неколку министри од клучни ресори важни за подобрување на односите на матичната земја со дијаспората.
На крај, претставниците од дијаспората, граѓанскиот сектор и академската заедница имаа можност да дебатираат на темите опфатени во Стратегијата, која во следните неколку дена ќе биде отворена за јавноста, а секоја заинтересирана страна ќе може да даде дополнителен придонес за нејзино понатамошно подобрување.
Македонија
Словенија ги призна возачките дозволи oд Македонија
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои им се овозможува на носителите на возачки дозволи издадени во Македонија, кои живеат во Словенија, да ја заменат својата возачка дозвола без да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит.
Истите бенефиции важат и за лицата чии дозволи се издадени во БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, секој што има регистрирано живеалиште во Словенија ќе може да ја замени својата возачка дозвола во рок од една година од аплицирањето. Практичниот дел од испитот нема да биде потребен, но ќе биде задолжително да се обезбеди доказ за ментална и физичка способност за возење.
Во име на предлагачот, Сандра Газинковски (Свобода) објасни дека овие измени не воведуваат никакви привилегии, туку ја отстрануваат непотребната нееднаквост.
„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им предизвикува на луѓето непотребни трошоци, чекање и дополнителни тестови“, изјави таа.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе се чисти секојдневно, скопјани заслужуваат убава, уредена и чиста метропола
Во рамки на тековните активности за уредување на јавните површини и подобрување на хигиената во градот, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја информира јавноста за интензивното чистење и одржување на кејот на реката Вардар.
„Континуирано се врши темелно чистење на кејот на реката Вардар, заедно со нејзиното корито. Екипите на јавните претпријатија во координирана и организирана акција, ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки – сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно станува дел од минатото.

Ова одржување ќе биде трајна практика. Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи скопјани и сите гости на нашиот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува“, напиша Ѓорѓиевски.

